Зеленски: Руското бомбардирање во Запорошката Област ја уништува секоја надеж за мир, бројот на загинатите се зголеми на 24

Бројот на загинатите во руското бомбардирање на селото Комишуваха во украинската Запорошка Област се зголеми на 24, соопшти денеска украинската Служба за вонредни ситуации, откако претходно претседателот Володимир Зеленски оцени дека овој напад, во кој беа погодени училиште и засолниште, ја уништува „секоја надеж за напредок кон мир“.
Во првата објава за нападот, Зеленски на Телеграм и на Фејсбук соопшти дека најмалку пет лица се повредени. Тој наведе дека руските сили најпрво фрлиле бомби врз училиште во селото, каде што се делела хуманитарна помош, а потоа следел втор напад со девет бомби, при што било погодено и засолниште.
„По хуманитарната операција во Олешки имаше момент кога можевме да поверуваме дека се можни нови чекори напред на патот кон мирот. Со ова крвопролевање Русија испраќа сосема спротивна порака: и во иднина ќе се потпира на убивање“, напиша Зеленски.
Украинскиот претседател истакна дека е невозможно Русите да не знаеле дека секоја недела луѓето што останале во Комишуваха добиваат хуманитарна помош токму на тоа место. „Ова е уште еден доказ дека Русија не сака никаква деескалација на воените дејствија, ниту каква било вистинска правда“, изјави тој.
Комишуваха се наоѓа југоисточно од Запорожје, главниот град на истоимената украинска област.






