Имате кредит во Алта банка? Еве што се случува со долговите по одземањето на дозволата во Србија

Граѓаните и компаниите кои имаат кредити во Алта банка мора редовно да ги исполнуваат своите финансиски обврски, и покрај одземањето на дозволата за работа на банката и започнувањето на стечајната постапка. Ова го појасни адвокатот Немања Тодоровиќ, нагласувајќи дека затворањето на банката не значи и автоматско бришење на долговите.
По одлуката на Народната банка на Србија да ѝ ја одземе дозволата за работа на Алта банка, во сопственост на Давор Мацура, се отворија бројни прашања за судбината на депозитите и кредитите на граѓаните и компаниите, објави 4news.mk
Во емисијата „Пулс Србије“, адвокатот Немања Тодоровиќ објасни дека масовното повлекување депозити, особено од страна на компаниите, може сериозно да ја наруши ликвидноста на една банка.
Според него, банките најголем дел од средствата ги пласираат преку кредити и други финансиски инструменти, поради што ненадејното повлекување големи суми може да доведе до недостиг од расположливи средства за исплата на штедачите.
Тодоровиќ нагласи дека стечајот не ги ослободува кредитокорисниците од нивните обврски.
„Обврските на граѓаните и компаниите кон банката не престануваат. Кредитите мора редовно да се отплаќаат како и досега. Разликата е во тоа што банката повеќе не врши тековно работење, не одобрува нови кредити и не прима депозити, туку нејзиниот имот и побарувањата се користат за намирување на доверителите“, објасни адвокатот.
Тој посочи дека во стечајната постапка управувањето со имотот и обврските на банката го презема Агенцијата за осигурување депозити.
Во однос на заштитата на штедачите, Тодоровиќ истакна дека депозитите до 50.000 евра се законски осигурени во Србија.
Според неговите информации, Фондот за осигурување депозити располага со повеќе од една милијарда евра, средства наменети за исполнување на обврските кон осигурените штедачи.
За случајот се огласи и Небојша Обркнежев од Центарот за општествена стабилност, кој порача дека надлежните институции треба да ја утврдат одговорноста за евентуалните незаконски постапувања во банката.
Тој нагласи дека граѓаните треба да бидат информирани за своите права и за механизмите за заштита на нивните заштеди.
Случајот со Алта банка предизвика големо внимание во српската јавност, особено по информациите за полициските претреси и приведувањето на сопственикот Давор Мацура.






