Граѓанското движење, ,,Кој е следен?” бара транспарентно да се објави целата документација поврзана со работењето на клубот „Пулс”

Граѓанското движење „Кој е следен?” во соопштение до медиумите пред најавените протести во понеделник побара транспарентно да се објави целата документација поврзана со работењето на клубот ,,Пулс” од неговото отворање до несреќата од следните институции: Државен пазарен инспекторат, Министерство за Економија, Државен градежен инспекторат, Министерство за внатрешни работи, Државен инспекторат за урбанизам, Локална самоуправа во Кочани, Државен локален градежен инспекторат, Дирекција за заштита и спасување и Управа за јави приходи.

Тие побараа и дисциплинска, кривична или политичка одговорност од сите институции кај кои ќе се утврди пропуст во работењето поврзано со случајот „Пулс”. Соодветна одговорност за сите поврзани со изгорената модуларна болница, соодветна одговорност за сите поврзани со случајот Онкологија, соодветна одговорност за сите поврзани со случајот поврзан со Дурмо Турс, соодветна одговорност за сите поврзани со случајот поврзан со Беса Транс, и Комора на угостители да започне да работи на подобрување на услугите и условите на работење на угостителските објекти, а не само за дерегулација и финансиска помош од државата.

„Без исполнување на овие барања, Македонија нема како да почне да се лекува. Луѓето заслужуваат одговори. Сите ние заслужуваме правда. Мораме да излеземе на улици сѐ додека целата вистина не е изнесена на виделина. Бидејќи системот по безброј кој пат ја изигра довербата на народот, разрешницата од овој случај мора да биде под окото на јавноста. Народот не смее да биде повторно изманипулиран“ се вели во соопштението.

„Македонија го имаше најтешкиот и најтрагичниот ден во својата историја и за тоа мораат сите виновни да сносат одговорност. Не смееме да бидеме повеќе сведоци на грозоморни настани, кои немаат правни разрешници, кои немаат последици за сторителите и кои не ветуваат дека во иднина тие нема да се повторат. Несреќите почнуваат да се множат, а нивните жртви стануваат се побројни. Уште колку тага треба да почувствуваме пред да се стави крај на ова? Уште колку родители, браќа, сестри, пријатели треба да ги изгубат своите блиски, пред неморалните, бескрупулозните и корумпираните да сносат одговорност? Мора конечно овој систем да почне да функционира како што е пропишано. Кога не функционира, мора контролорите и инспекторите да спречат вакви трагедии преку вршење на нивната основна должност. Мора конечно луѓето да се почувствуваат побезбедно во местата кај што живеат“ почнуваат од ,Кој е следен?”

Back to top button
Close