Градоначалникот Колев го навлече гневот на велешките атлетичари: „Трчаме за Рацин“ ќе ја организира општината наместо АК Борец

Во изминатите четири години Атлетскиот клуб Борец во рамки на Рациновите средби ја организираше атлетската трка „Трчаме за Рацин“, но годинава Општина Велес реши да го прескокне клубот и заедно со атлетската федерација буквално од раце да им ја одзеде трката на велешките атлетичари.

„ Атлетската трка „Трчаме за Рацин“ по петти пат ќе се одржи во рамки на одбележување на Рацинови средби. Во организација на Општина Велес и во соработка со Атлетската федерација на Македонија, трката ќе се одржи на 31 мај, годинава.
Градоначалникот Марко Колев заедно со претседателката на Атлетската федерација Александра Војнеска Зикова денеска излегоа на терен со цел утврдување и лиценцирање на патеката за трчање“, објави пиар тимот на градоначалникот Колев.
Општина Велес беше покровител на настанот како и сите спонзори од Велес за да се реализира атлетската трка и затоа е уште почудно зошто градоначалникот Колев реши да си ја присвои трката која довчера ја спонзорираше.

Од Атлетскиот клуб Борец во Велес сметаат дека ова не е случајност и дека претседателката Војнеска-Зикова си ги турка личните и теснопартиски интереси пресметувајќи ги се со неистомисленици иако во календарот за 2026 година кој е објавен од страна на Атлетската федерација на Македонија, стои дека организатор на трката ќе биде АК Борец Велес, а не Општина Велес.

„ Оваа слепа лојалност не е случајна – таа е резултат на заемни долгови и пресметки со кои членовите на нејзиниот тим се имаат задолжено меѓусебно низ годините. Наместо професионализам, на сцената гледаме приватен пазар на влијанија врз грбот на спортистите и ентузијастите“, напиша Тале Илијевски од АК Борец во објава на социјалните мрежи.

Тој ги објави и имињата од кабинетот на градоначалникот Колев со кои имал недоразбирања во однос на трката велејќи дека токму тие ја поткопуваат атлетиката во Велес.

„ Трагедијата да биде уште поголема еве што изјавува Александра на нејзиниот профил, не ги признава сите 16 атлетски организации клубови во Македонија не постела МАКЕДОНСКАТА ТРКАЧКА ЛИГА оваа е најголемата поддршка на овие атлетски трки…. сами се поткопаа со оваа нејзина изјава, затоа ве замолувам не деградира никој да не се појави на оваа нивна ефтина манифестација, дајте им ЦРВЕН КАРТОН ПИАР да деградира 20 000 илјади тркачи дека не постоиме како тркачка заедница е еднакво на шамар и срам за македонската атлетика“, стои во објавата која ја објавуваме со дозвола на Тале Илијевски.

Претходно Илијевски објави во каква срамна ситуација се наоѓа стадионот во Велес на кој треба да се одржуваат фудбалски натпревари и атлетски трки.

„Патот на срамот… го одиме речиси секој ден. Со мојот син, Јоаким. Среќен… безгрижен… полн со детска енергија. Сонува. Сака фудбал доаѓа на стадион, Јоаким го сака Борец. Верува дека еден ден ќе стане голем спортист.

А јас… јас одам покрај него… и молчам. Во мене — тежина. Кнедли што не можам да ги проголтам. Како да му објаснам… што гледа?

Ова не е само пат. Ова е слика на срамот. Слика на запоставеност. Слика на заборав.
Само 100 метри од градскиот стадион. Само 500 метри од центарот на Велес.
И се прашувам… каде потфрливме? Каде се институциите? Каде е одговорноста? Зошто сами себе се уништуваме? Каква иднина оставаме… на нашите деца? Дали вака треба да изгледа нивниот свет? Има ли некој надлежен… или сите сме само неми сведоци?

Јас… се срамам. Се срамам што дозволив системот да затаи до болка. А реката… таа молчи.
Носи сè со себе. Нашата негрижа. Нашиот срам. И ќе продолжи да тече… додека ние стоиме во место“, објави велешкиот спортист.

фокус.мк

Back to top button
Close