Грчката полиција забрани протестен собир против конференцијата на Заев и Ципрас во Атина

Грчката полиција соопшти дека Управата на полицијата во Атина донела одлука да го забрани собирот што го најавија членовите на Светската конфедерација на пан-македонските грчки здруженија „Коин на Македонците“, закажан за понеделник (17.6.) во 16:30 часот надвор од Атинскиот конзерваториум.

Денеска во Конзерваториумот во Атина ќе се одржи Меѓународната конференција за „Мир и одржлив развој“ во коорганизација на „Институтот Алексис Ципрас“ и Фондацијата „Зоран Заев“, по повод одбележувањето шест години од Договорот од Преспа.

Дополнително, полицијата забрани „секаков јавен собир на отворено од 06:00 часот на 17-6-2024 година до 06:00 часот на 19-6-2024 година во областа ограничена со улицата Ироду Атику, авенијата Василисис Константину (вклучувајќи го и стадионот Панатенаикос), и авенијата Василисис Софија“.

Во полициското соопштение се истакнува дека „оваа забрана е наметната поради сериозен ризик за јавната безбедност и значителна закана за социо-економскиот живот на конкретното подрачје, вклучително и движењето на возила и пешаци, како и работењето на инфраструктурата и јавните објекти во областа.”

Back to top button
Close