Грковска од Вашингтон: Очекувам обвинителството да отвори случај за чувањето судски предмети во фиоки
Најголемата слабост во справувањето со корупцијата во С Македонија е во правосудниот систем, вели вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик.
Грковска која е во Вашингтон на Молитвениот појадок, се согласува со констатацијата дека уште повеќе треба да се направи во оваа сфера и дека граѓаните очекуваат видливи резултати, ефект и краен резултат од борбата против корупцијата и организираниот криминал.
„Граѓаните препознаваат, а тоа и ние го препознавме дека најголемата слабост ја гледа во правосудниот систем затоа што ако сите инситуции ја завршат својата работа и на крај завршницата недостига, тогаш тоа е разочарувачки за граѓаните. Меѓутоа и пораката која што се праќа во општеството е многу погрешна. И токму затоа процентот на доверба на граѓаните во правосудните органи е толку низок и покрај тоа што имаше едно време прогрес. Ние треба да ги најдеме системските слабости и со решенија да ги намалиме, дека ќе ја решиме и дека ќе ја направиме нула тоа никогаш нема да биде можно, меѓутоа треба сите заедно да работиме и да ја подигнеме свесноста и одговорноста што секој од нас ја има“,
вели Грковска.
Таа, без да ги именува, се осврнува на неодамнешното укинување од страна на Апелацискиот суд Скопје на првостепените пресуди за случаите „Таргет-Тврдина“, „Трезор“ и уште неколку други, каде обвинетите се поранешни високи функционери, меѓу кои и поранешниот шеф на некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.
Вицепремиерката вели дека е задоволна што имало образложение од судот за одлуките и извештај од страна на Судскиот совет зошто се чекало со нивното објавување.
Но, она што што вицепремиерката дополнително го очекува е Обвинителството да отвори случај и да утврди дали чувањето на одредени предмети во фиока има и друга позадина.
„Затоа и беше мојата реакција на одредени одлуки од страна и на обвинителството и на судството. Јас сум задоволна што има прогрес во смисла на тоа дека излегоа транспаретно да ја образложат својата одлука, дека има извештај од страна на судскиот совет за тоа на каков начин е сработено и зошто се чекало со објавата на одлуките, меѓутоа очекувам исто така од страна на Обвинителството да се отвори случај и да се истражи дали чувањето во фиока на одредени предмети има и друга позадина“,
вели Грковска во интервјуто за Гласот на Америка.
Tаа вели оти е силно убедена дека и судиите и обвинителите исто така треба да одговараат за злоупотреба на службена должност како останатите функционери.
„Сега за сега правосудниот систем се покажува како најслабата карика. Многу често сите овие децении наназад независноста која Уставот му ја дава на правосудниот систем беше користена како параван за самоволие. Ние тоа не смееме да го дозволиме веќе. Независноста на институциите која што ја гарантира Уставот треба да биде дополнителна обврска за одговорност и транспарентност пред граѓаните. Коментирањето и повикувањето на транспаретно образложување на одлуките што правосудниот систем ги носи пред граѓаните не е мешање во правосудството туку напротив повик за зголемување на нивната одговорност, затоа што на крајот на краиштата судските одлуки се носат во името на граѓаните на Република Северна Македонија и во тоа име граѓаните имаат право да знаат и да бидат информирани“,
вели Грковска, воедно одговарајќи и на бројните обвинувања пред се од претставници на правосудниот систем дека со одредени нејзини изјави и коментари се меша во работењето на судството.
Таа ја посочува и нееднаквата ефикасност и респонзивност на правосудниот систем кога станува збор за помали случаи и оние во кои главни актери се политичари и бизнисмени.
„Разочараноста е многу голема кога ќе се види дека за некои помали случаи каде што се третираат граѓани кои не биле на функција, не биле или не се политичари или бизнисмени тогаш гледаме прилично голема ефикасност и респонзивност на правосудниот систем, но кога станува збор за политички личности, политички функционери и бизнисмени, поранешни и актуелни примери што ги видовме се лош пример за тоа како треба да изгледа и да се однесува законот подеднакво за сите“,
посочува вицепремиерката.
На прашањето дали има информации кога ќе биде објавена и кои лица ќе се најдата на црната листа на САД на корумпирани функционери и чинители во политиката, Грковска не дава конкретен одговор. Сепак, таа посочува дека станува збор за голема помош и за инструмент што Соединетите Американски Држави го користат како придонес во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
„Санкциите не се секогаш само за политичари, туку генерално за сите кои заслужуваат според критериумите да се најдат на таа листа. Ние треба да бидеме фокусирани на нашата домашна обврска. Одлуките коишто се носат, функционирањето на институциите, ефикасноста и транспарентноста, е наша домашна обврска“,
посочува вицепремиерката.
Иако минимален, таа сепак како позитивен сигнал го оценува рангирањето на Северна Македонија на 85. Место од 180 држави и територии според перцерпцијата за корупција во јавниот сектор во 2022 година на „Транспаренси интернешнл“.
На прашањето дали корупциските скандали влијаат за оваа позиција на Македонија, Грковска вели:
„Сигурна сум. Добро е што има прогрес, макар и минимален, тоа значи дека треба да ги засилиме нашите напори и да ја смениме перцепцијата кај граѓаните и да биде видливо дека сите напори што ги правиме имаат ефект. Кога ќе обезбедиме дека граѓаните имаат доверба во институциите, дека законот важи подеднакво за сите, тогаш сум уверена дека ќе ја имаме големата поддршка од граѓаните и ќе се осмелуваат повеќе да пријавуваат корупција“.
Таа потврдува дека до неа стигнуваат бројни дописи од граѓаните и оти е среќа што граѓаните ја препознале непристрасноста со која постапува нејзиниот ресор.
„Добиваме документација и ако утврдиме дека има сериозни наоди за кршење на законот ја проследуваме до институциите. Имаме добра соработка и се надевам дека тоа ќе продолжи – вели вицепремиерката за политики за добро владеење.