„Групата Квинт“ бара од косовските лидери да се воздржат од навреди и закани

Амбасадите на Соединетите Американски Држави, Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство во Косово ги повикаа денеска политичките лидери во земјата да расправаат за предизвиците со кои се соочува Косово, но бараат од нив да се воздржат од меѓусебни навреди и закани, јави дописникот на МИА од Приштина.

Претставништвата на петте најмоќни држави кои имаат дипломатски претставништва во Приштина, познати како „Група Квинт“, во заедничка изјава која ја доставија и до медиумите, напоменуваат дека „секој вид на потпалувачки јазик“ може да придонесе за „атмосфера во која се охрабруваат насилни акти“.

– Ги повикуваме политичките лидери на Косово да расправаат во врска со бројните предизвици и можности со кои се соочува Косово без навреди и закани. Демократската иднина на Косово зависи од мудроста на нејзините лидери да покажат позитивен пример на општествениот дискурс и почитувањето на слободата на изразување. Секој вид на потпалувачки јазик, а посебно личните напади кои имаат за цел промовирање на политичките објективи, може да придонесе за атмосфера во која се охрабруваат насилни дејствија. Граѓаните на Косово заслужуваат подобро, се вели во соопштението на „Квинтот“.

Реакцијата на амбасадите на петте држави уследи откако последниве денови на социјалните мрежи беше покрената кампања против претседателката на Собранието на Косово Вјоса Османи, за наводни врски на нејзиното семејство со некогашните српските власти во Косово.

На кампањата се надоврза и претседателот на државата Хашим Тачи, кој се закани и дека ќе објави докази за врските на таткото на Османи со српската полиција.

Османи реагира на тврдењата на Тачи, одговарајќи дека „змијата се обидува да ја касне честа на семејството“. „Змија“, според документи објавени во косовските медиуми, е кодното име на Тачи во досиејата на српските тајни служби пред и за време на војната во Косово.

Back to top button
Close