Град Скопје најавува нов тендер за автобуси

Тендерот за набавка на нови автобуси во Скопје повторно ќе биде распишан во рок од една недела, најавуваат од Град Скопје, откако претходната постапка за набавка на 150 електрични автобуси пропадна.

Според градските власти, првите нови автобуси би можеле да пристигнат за неколку месеци, но јавниот превоз во главниот град повторно останува во фаза на нови рокови, најави и неизвесност.

Претходниот тендер за набавка на 150 електрични автобуси и 75 полначи беше распишан од Министерството за транспорт во февруари годинава. Според планот, 100 автобуси требаше да бидат наменети за Скопје, а останатите 50 за други општини.

Предвидено беше првите 30 автобуси да бидат испорачани во рок од шест месеци, уште 60 во рок од една година и дополнителни 60 во рок од 18 месеци.

Сепак, постапката беше поништена, а од Министерството за транспорт соопштија дека компаниите што се пријавиле не ги исполнувале условите од тендерот.

Јавниот превоз во Скопје со години се соочува со проблеми – стар возен парк, нередовни линии, преполни автобуси и недостиг на возила во сообраќајот.

Според информациите објавени од СДК, од вкупно 341 автобус на ЈСП „Скопје“, дневно исправни биле 185, а во сообраќај возеле само 157 автобуси.

По пропаѓањето на тендерот следуваа и политички реакции. СДСМ обвини дека постоел обид тендерот да биде наместен за фирма блиска до Виктор Орбан, додека Левица оцени дека граѓаните со години се манипулираат со ветувања за нови еко-автобуси.

Во меѓувреме, скопјани и понатаму секојдневно се соочуваат со истиот проблем – недоволен и нестабилен јавен превоз во град кој сè уште чека модерни автобуси.

Back to top button
Close