Мицкоски со повик до граѓаните: Пријавете корупција, ви гарантираме дискреција, а корумпираните ќе одговараат


Премиерот Христијан Мицкоски вечерва ги повика граѓаните да пријавуваат случаи на корупција и вети дека нивниот идентитет ќе биде заштитен, а тие за кои ќе се докаже дека се корумпирани ќе сносат одговорност.

Ова тој го изјави во телевизиско гостување на ТВ Канал 5 одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата за корупција, за што додаде дека тие треба да бидат поткрепени со конкретни докази, наместо да се користат како политички флоскули.

Според него, Владата е посветена на конкретна и бескромпромисна борба против корупцијата.

Коментирајќи ја новинарската забелешка дека во меѓународните извештаи постојано укажуваат на широко распростренета корупција во земјата, премиерот оцени дека ваквите констатации не треба да останат на ниво на политички флоскули, туку да бидат поткрепени со конкретни докази.

„Каде има корупција? Еве, нека ни кажат, имате ли вие доказ дека има корупција или тој што вели дека има? Кој е извештајот од Европската комисија каде што велат дека има корупција? Еве, сега ќе имаме нов извештај, којшто треба да пристигне за напредокот на земјата, еве да го почекаме да видиме. Второ, тој којшто пријавил корупција и бил дел од процесот, тој што барал корупција е уапсен. Не се само двајца директори, има повеќе. И ќе има уште ако продолжат. Еве, и денеска имаше една таква акција којашто е поврзана со борба против корупцијата. Се спречи шверц на цигари којшто траел со децении и тоа е само почетокот на таа истрага, допрва ќе следуваат други докази поврзани со високи функционери на некои од минатите влади што се занимавале со шверц на цигари“,рече тој.

Премиерот упати јавен повик до граѓаните да пријавуваат случаи на корупција и најави соработка со меѓународна организација. Посочи дека секој што ќе пријави корупција ќе му биде гарантирана дискреција, додека секој за кого ќе се докаже дека е корумпиран ќе мора да понесе одговорност.

„Јас јавно ги повикувам граѓаните, а наскоро ќе имаме јавна прес-конференција со меѓународна организација, онаму каде што има корупција јавно да пријават и да постапуваме. Не прифаќам политички флоскули само дека има корупција. Добро, но дајте да ја пријавиме“,
посочи премиерот.

На новинарска забелешка дека во извештајот се потенцира на корупција во здравството и во јавните набавки, повтори дека тоа се политички флоскули и дека сака да биде човекот што ја уништил корупцијата.

„Јас сум прв противник против корупцијата. Сакам да бидам човек што ја уништил корупцијата. Ајде, сите и тие што ги кажувате дека напишале во извештаите, не да пишуваат постои сомневање. Дајте доказ. Јас ви гарантирам дискреција, дека нема влакно да ви фали, а тој што е корумпиран ќе одговара“,рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека се подготвени измените на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка, кои се испратени на мислење до Европската комисија. Најави и враќање на членот 353 од Кривичниот законик и оцени дека тоа ќе биде една од мерките за поефикасна борба против корупцијата.

„Борба против корупција е со документи, а не со политички флоскули“,
додаде тој.

Според Мицкоски, институциите нема да ги претвораат акциите во јавен спектакл ниту, пак, ќе ги апсат осомничените пред нивните деца и сопружници.

Back to top button
Close