ЈП Комунална Хигиена – Скопје и годинава ќе постави садови за одлагање на органскиот отпад во пресрет на Курбан Бајрам
ЈП Комунална хигиена-Скопје соопшти дека и годинава ќе постави специјални контејнери за одлагање органски отпад во пресрет на верскиот празник Курбан Бајрам.

Како што информираат од претпријатието, садовите ќе бидат поставени денеска по 14 часот во скопските општини каде што празникот масовно се одбележува.
Од Комунална хигиена апелираат граѓаните остатоците од курбанот да ги одлагаат исклучиво во поставените контејнери, предупредувајќи дека фрлањето органски отпад на јавни површини може сериозно да го загрози јавното здравје и да предизвика загадување на животната средина.
Контејнерите ќе бидат поставени на повеќе локации во општините Шуто Оризари, Бутел, Гази Баба, Чаир, Сарај, Арачиново и Студеничани.
Меѓу локациите се последната автобуска станица на линијата 19 во Шуто Оризари, кај езерото Треска во Сарај, во близина на повеќе џамии во Чаир, Гази Баба и Бутел, како и на повеќе места во Студеничани и околните села.





