Хаосот во судскиот совет можеби е заради ставање на тапет на судијата кој го спаси Мијалков, вели судијката Коцо за РСЕ

Најавата дека Судскиот совет на дневен ред ќе го стави прашањето за одговорност на судијата од Апелација Енвер Беџети, според поранешната судијка во Врховниот суд Вера Коцо е една од причините за кои се шпекулира дека ги иницирале случувањата во Судскиот совет.

Во интервју за Радио Слободна Европа таа укажува дека според тоа што се зборува во јавноста, за судијата кој 9 месеци во фиока го чуваше предметот за една од најголемите афери со прислушување Таргет-Тврдина имало изготвен извештај од трочлена комисија која го испитувала случајот и тој требало да биде разгледан на седницата.

„Најверојатно, сега шпекулирам, било предмет дали да се стави на разгледување тој извештај или не и се поделиле членовите на Судски Совет на две страни. Едни биле за разгледување на тој извештај, други најверојатно не. И од тие причини се дојде до прекин на седницата и наеднаш се пристапи кон разрешување на претседателката што е нон сенс. Исто така, се шпекулира дека за истиот судија имало некаков предлог, дали е официјален или така е кулоарски само, да оди во Врховниот суд. Не смее да се занемари тоа што тој го направил во Апелациониот суд. Факт е дека во Апелациониот суд предметот е држен повеќе од 9 месеци, иако имало расправа која што укажувала на укинување на предметот, што значи дека можеле да го укинат предметот навремено, доколку така ценеле, и потоа да се пристапи што е можно побрзо во работа од страна на понискиот суд. А во случајов предметот е држен повеќе време, па вратен иако беше јасно и за јавноста и за професионалнците во таа струка дека му се заканува застарување на ова дело. На тој начин не може да се избега од одговорноста дека има некаква цел или намера која требаше да се утврди токму на оваа седница со членовите на Судскиот совет, вели Коцо во интервјуото за Радио Слободна Европа.

Според неа, на овој начин, не само судскиот совет туку целиот судски систем се стави на тапет и дополнително ја намали довербата на граѓаните во судскиот систем.

„Тоа што се случува е аномија а тоа е непочитување или непостоење на законски одредби и изостанување на морални норми или вредности“подвлекува судијката Вера Коцо.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close