Хил во пресрет на средбата меѓу Вучиќ и Курти во Брисел вели дека не очекува брзи резултати

Американскиот амбасадор потврди дека денеска во Брисел е и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, и дека ќе учествува во дијалогот

Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, во пресрет на средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел за српските медиуми во Крагуевац изјави дека нема илузии дека може да дојде до брзи резултати, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Хил воедно рече дека средбата меѓу двајцата лидери во Брисел покажува дека Европската Унија (ЕУ) се обидува да најде решение што ќе им одговара на сите во иднина.

„Процесот во Брисел секако не може да ги задоволи оние што веднаш очекуваат задоволителен исход“вели Хил.

Американскиот амбасадор потврди дека денеска во Брисел е и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, и дека ќе учествува во дијалогот.

„Сакам да нагласам дека САД и Европската Унија многу тесно соработуваат по ова прашање и ние сме многу посветени да работиме заедно на ова“вели Хил.

Во меѓувреме, од дипломатски извори се дознава дека Ескобар ќе има средби со претседателот на Србија, Вучиќ и со косовскиот премиер Курти во пресрет на состанокот во седиштето на ЕУ.

Американскиот амбасадор во Белград за српските новинари додал дека од гледна точка на САД е важно што поскоро да се постигне и реализира Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово.

Средбата меѓу претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти е најважниот момент во процесот на нормализација на односите во последните десет години.

На средбата денеска се очекува лидерите да потврдат пред посредниците на Европската Унија дека го прифаќаат европскиот план.

Според агендата, предвидено е високиот претставник ЕУ, Жосеп Борел, и специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, најпрво ќе остварат одвоени средби со Вучиќ и Курти по што ќе следува и заедничка средба.

Ова би бил втор договор на страните во дијалогот, по бриселскиот договор постигнат во април 2013 година.

Американскиот амбасадор во Србија потсети и дека Србија се согласила на необврзувачка резолуција со која се повикува Русија да ги прекине непријателствата во Украина и бара повлекување на руските сили.

„Значи, на Русија и беше даден многу јасен сигнал дека треба да ја прекине својата агресија“рече Хил.

Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) ја одобри резолуцијата на 23 февруари.

Сите земји од Западен Балкан членки на Генералното собрание на Обединетите нации, вклучително и Србија ја поддржаа резолуцијата.

Инаку, Србија и понатаму одбива да ги поддржи санкциите што Европската Унија ги воведе кон Москва.

Back to top button
Close