Хотелот во „Горица 3“ влегува во завршна фаза, активистите бараат стопирање на градбата

Хотелот кој се гради кај месноста „Горица 3“, во непосредна близина на Охрид влегува во завршна фаза, во исто време додека дел од активистите се’ уште бараат стопирање на градбата.
Екипата на OhridPress направи обиколка на локацијата и сними фотографии од фазата во изградбата во која се наоѓа објектот кој се гради во моментов. Видливо е дека целиот објект е во напредна фаза, скоро и да се завршени и фасадерските работи и дека полека влегува во завршна фаза. Оваа тема и понатаму предизвикува огромно внимание во охридската, но и македонската јавност, која на социјалните мрежи излегува со различни коментари со кои се бара прекинување на градбата, дел истата ја одобруваат, а најбројни се оние кое велат дека сепак станува збор за задоцнети реакции и дека објектот за брзо време ќе започне со работа.
Од Граѓанската иницијатива Охрид SOS, неодамна, преку допис до медиумите, побараа итно запирање на градежните активности кај хотелот во „Горица“.
– На крајот од јануари годинава Министерството за култура и туризам до УНЕСКО го достави Извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион и напредокот во спроведувањето на препораките. Во врска со Препораката 11а од Одлуката на Комитетот за светско наследство (47 COM 7B.54, 2025) на УНЕСКО, со која од македонските власти јасно се бара итно да ги забранат градежните активности во близина на Блатото и комплексот „Горица 3“ сè до изготвување на стратегиска оценка и процените за влијанијата за сите проекти врз наследството, укажуваме на сериозни пропусти во постапувањето на надлежните институции. Во одговорот поместен на страница 24 од Извештајот доставен до УНЕСКО, како аргумент се наведува дека комплексот „Горица 3“ е урбанистички планиран во 2007 година, а одобрението за градба е издадено во 2012 година, односно пред донесувањето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020-2029). Но, ова штуро образложение воопшто не кореспондира со реалноста и се чини како оној што го пишувал одговорот да не е воопшто запознаен со Планот за управување и она што од него произлегува. Имено, со донесувањето на Планот за управување во 2020 година, сите урбанистички планови и документации, без оглед кога се донесени, мора да се применуваат и спроведуваат согласно неговите услови, режими на заштита и ограничувања. Ова е потврдено и со одлука на Уставниот суд на Република Македонија, кој утврдил дека претходно донесените урбанистички акти подлежат на усогласување со Планот за управување. Дополнително, градежните активности за „Горица 3“ започнаа дури во 2024 година, четири години по стапувањето во сила на Планот, кога неговата примена е веќе во тек и обврзувачка, стои во дописот.
Од Охрид SOS додаваат дека особено загрижува фактот што не е испочитувана ниту експлицитната препорака на Комитетот за светско наследство за привремена забрана на градежни активности сè до изработка на стратегиска оцена за влијанието врз животната средина.
Архивските податоци потсетуваат дека повеќе од една деценија се подготвува теренот за подигнување нов хотел во непосредна близина на Охридско Езеро, кој почна да го гради компанија поврзана со поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, што предизвика и сè уште предизвикува жестоки реакции од јавноста, невладиниот сектор и од дел од политичките актери, објави неделникот „Фокус“ во пошироката анализа од минатата година.
Иако најчести и најсилни реакции против овој хотел лоциран во парк-шумата „Горица 3“ се јавија откако местото се огради, на терен се појави механизација и реално почна изградбата на објектот, сепак, тоа е само финале на еден долг и комплексен административно-бирократски процес, кој се одвивал за време на различни влади и локални самоуправи.






