И СЕГА, ШТО?
Стварно е депресивно што ова прашање си го поставувам после 33 години.
Откако стана сѐ поизвесно дека Албанија ќе ги продолжи преговорите со Европската унија без да чека Македонија да ги внесе Бугарите во Уставот, премиерот Христијан Мицкоски уште еднаш повтори: „Ако ова е условот, тогаш тоа го кажав и во Брисел – Не, благодарам“.
Океј. Сосема легитимно. И сега, што? Ако е – Не, благодарам, тогаш има ли премиерот план? Ако е – Не за ЕУ, тогаш има ли план со кого ќе се здружува? Ако се здружува, има ли план како ќе се здружува? Ако се самоизолираме, има ли план како ќе напредуваме во изолација?
Супер е тоа што тој им го кажал во Брисел. Им предложил дека ќе ги ставиме Бугарите во Уставот, ама тоа да важи кога ќе влеземе во ЕУ. И ќе продоложи истото да им го кажува.
Ама, не е работата во тоа што има тој да им каже. Туку, тие што му кажаа? Ете, на неговиот план во ЕУ одговорија: Ја одвојуваме Албанија и таа ќе ги продолжи преговорите.
Да, точно е дека никого како нас не го терале 36 пати да го менува Уставот, да менува знаме и да менува име на државата. Тоа никој не го спори. Само, не знам зошто јас како граѓанин би бил среќен ако премиерот ми каже дека Европа се изживува врз нас. Па јас 33 години го имам тоа чувство.
Можеме ние да се трескаме од земја и да плачеме дека ЕУ не е фер. ЕУ на солзите не им верува. Никогаш не им ни верувала. Така што, Мицкоски може да плаче колку сака, ама плачењето веќе ни дома не му поминува. Освен, можеби кај неговите верни гласачи, ама кај и да е, и тие ќе почнат да прашуваат: А што понатаму? Што е целта? Ова веќе преминува во мазохизам. Ајде лидеру, дај ни план. Кажи нешто ново. Па, и сработи го.
Мицкоски не открива дали има, ама затоа унгарскиот премиер Виктор Орбан во Охрид рече дека има план.
Кај се парите, таму се плановите. 500 милиони евра унгарски кредит – ете ти план.
Ништо добро од ова нема да излезе. Синким сега ЕУ ќе нѐ стресе, ќе нѐ освести, па ќе си речеме: Аааа, штом Албанија оди напред, ајде уште утре да ги ставиме Бугарите во Уставот. Уште повеќе ќе зајакне евроскептицизмот. И ќе му даде алиби на Мицкоски да си тера со парите од Орбан.
Ќе си се вратиме во 2008, кога после грчкото вето за НАТО Груевски почна најбрутално да си ја заробува државата и да си се богати. Штом не нѐ примате во ЕУ, нема што да ни кажувате како да владееме.
Тоа што ни се случуваше по ветото за НАТО, сега ќе ни се случува по ветото за ЕУ. Видовме колку беше добро тоа за државата. Со истата партија на власт.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК