Македонија и Црна Гора да бидат проголтани?!

Штом нашето водство некаде ќе прочита дека пушењето е штетно, веднаш престанува да чита!

Мерсел Биљали

Падот на Виктор Орбан ги тресе Белград, Бања Лука и Скопје. Тоа не е само пресвртница во Унгарија, туку и голем удар врз националистичките и проруските сили на Западен Балкан, каде што совеста се купува како на кванташки пазар. За време на неговите шеснаесет години на власт, Орбан работеше напорно за да ја ослаби ЕУ и стратешки да го усогласи регионот со Русија и Кина. А во овој регион, линијата помеѓу кралот и дворскиот шут е тенка. Заедно со својот најблизок сојузник Вучиќ, Орбан се залагаше за големи руски и кинески енергетски и инфраструктурни проекти во регионот. Тие придадоа големо значење на гасоводот „Дружба“, кој до неодамна испорачуваше руска нафта до Унгарија и Србија преку Украина. Понекогаш патриотизам е да ги браните другите од себеси.

Орбан јавно ги поддржува балканските тврдокорни струи во регионот, а тоа го зајакнуваше авторитаризмот во регионот. Луѓето тука често за мали работи се обединети како еден, ама тој еден е во конфликт со сите други. Затоа, Брисел со право се плашеше од нови „тројански коњи“ што би ја качиле ЕУ на магаре. Ова неизбежно влијаеше на политиката на проширување на ЕУ кон Балканот. Орбан јавно се однесуваше како важен политички фактор на Балканот, поврзувајќи се со Белград, Бања Лука, а и со Скопјe. Покрај Србија, Република Српска и Северна Македонија, Орбан во друштвото инсистираше да ја вклучи и Црна Гора, со која потпиша договори во областа на телекомуникациите и информатичката технологија. Но, Црна Гора застана тука, оти брзо сфати дека животот може да биде цртеж без гума за бришење. Белград и Будимпешта потпишаа договор за стратешка одбранбена соработка, кој Вучиќ го опиша како воен сојуз. Во соработката со Западен Балкан, Унгарија се фокусираше на клучните сектори, вклучувајќи ја и енергетиката. По војната во Украина и промените во рутите за снабдување со енергија во Европа, Унгарија го третираше Балканот како стратешки коридор за увоз на енергија, а Србија за клучен сојузник. Унгарија почна да добива руски гас преку Србија преку гасоводот Турски тек. Ова го вклучуваше и поранешниот југословенски гасовод ЈАНАФ, кој можеше да транспортира нафта од хрватските пристаништа не само до Србија, туку и пошироко. Унгарија и Србија силно ги фаворизираа кинеските инвестиции, особено оние што би го поврзале регионот со пристаништето Солун и Пиреја во Грција. Па затоа и поддршката за Коридорот 10 и маргинализација на Коридорот 8. Имено, тука е нормално луѓето да лаат а кучињата да си врват!

Енергетика, патишта и телекомуникации

Групацијата 4iG, со седиште во Будимпешта, поседува водечки телекомуникациски оператори низ целиот Западен Балкан – како што се ONE Montenegro, ONE Albania и One Macedonia Telecommunications. Во Албанија, во текот на изминатата деценија, ИТ компанијата 4iG, со седиште во Будимпешта, стана значаен играч во телекомуникациите. Унгарската Wizz Air стана доминантна авиокомпанија во регионот, додека OTP Bank влезе во банкарскиот сектор. Според Белградскиот центар за безбедносна политика (BCSP), унгарските директни странски инвестиции во Западен Балкан се зголемија од 690 милиони евра во 2016 година на 2,4 милијарди евра во 2025 година. Целта беше да се зголеми влијанието на Унгарија во регионот. Со оглед на тоа што телекомуникацискиот сектор е стратешки не само од економска, туку и од безбедносна перспектива, и дека 4iG Group е вклучена и во воени активности, треба да се напомене дека во рамките на 4iG Group постои и 4iG Space and Defense Technologies (4iG SDT) – посебна холдинг компанија која ги обединува вселенските и одбранбените интереси на Групацијата. 4iG SDT веќе воспостави стратешки партнерства со водечки глобални играчи во индустријата, вклучувајќи ги Rheinmetall, како и EDGE Group од ОАЕ, L3 Harris Technologies и Boeing. Меѓу нив се 4iG SDT и државната компанија N7 Holding.

Орбан, со поддршка на Вучиќ, претендираше да го монополизира Коридорот-10 a да го елиминира Коридорот-8. Почнаa со брзата железница Будимпешта-Белград, која е делo на кинеската иницијатива „Belt and Road“ (Појас и пат), а имало и разговори за модернизација на железницата Бумипешта-Белград-Бар (на Јадранското Море). Големи идеи од средни луѓе a со мали срциња. „Унгарската милјарда“ сега повеќе од јасно е дека кинески кредит. Сепак, кинескиот фактор не е одлучувачки во овој случај. Обезбедувањето концесиски кредити и грантови за владите лојални на Виктор Орбан стана важна алатка на „економската дипломатија“ на Будимпешта. Тоа ти е вид патентирање на послушност на далечински управувавач, но и пример како сиромашни во главата богато си плаќааат.

Во април 2024 година, унгарската влада издвои 140 милиони евра за серија проекти во Република Српска во Босна и Херцеговина во поддршка на својот сојузник Милорад Додик. Останатиот дел од БиХ не доби ништо. Врската на Орбан со Република Српска отишла дотаму што група унгарски специјални сили наводно ја посетиле Република Српска токму со мисија да му обезбедат заштита на Додик и да спречат негово апсење кога тој имаше проблеми со БиХ судски власти! Дури и договорот на Додик со Американците е дело од американско-руското приближување.

ЕУ интеграција на Западен Балкан

Европската интеграција стана уште една контроверзна нишка во политиката на Орбан во Западен Балкан. На прв поглед, промоцијата на пристапувањето кон ЕУ за Западен Балкан изгледа неконтроверзна – тоа е позитивен знак дека Унгарија активно лобира за проширување на ЕУ кон регионот. Но, ептен чудно стана кога Орбан се спротивстави на пристапувањето на Украина во ЕУ, спротивставувајќи ги двете политики една со друга.

Самата Унгарија не успеа да ги унапреди клучните балкански кандидати за време на нејзиното претседателство во Советот на ЕУ. Србија не успеа да отвори нови поглавја поради проблеми со нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина и поради одбивањето на Србија да ја санкционира Русија. Оттука, стана јасно дека антиукраинското движење на Унгарија не е дело на сопствена иницијатива на Орбан, туку наредба од Москва.

Орбан уценуваше голем дел од Европа, особено по доаѓањето на новата американска администрација која е наклонета кон конзервативна-суверенистичка агендата и која не трпи влијателен Брисел. Со таква поддршка Орбан си се гледаше како модерен Фидел Кастро во Европа за зајакнување на руското и кинеското влијание на Балканот. За да го спасат од изборен пораз, лично му дојде потпредседателот на САД – Џ.Д. Венс, а уживо се вклчил и Трамп. Но резултатот повеќе од катастрофа.

Победата на Петер Маѓар, значи тотално напуштање на досегашната политика, фокусирајќи се кон западни политики, владеење на правото, борбата против корупцијата и обновата на односите со ЕУ и НАТО. Дог Хамаршелд вели – ние не го гарантираме рајот ама барем спасуваме од пекол. Познато е дека фирмата на ќерката на Орбан учествувала во важни големи градежни проекти во Србија, што сама по себе е конфликт на интереси. Тао веројатно ќе се истражува. Слабеењето на односите меѓу Унгарија и Србија доаѓа во чувствително време за Вучиќ, а тоа би можело да има влијание врз претстојните избори. Маѓар тврди дека знае „кој го спонзорира пријателството меѓу Орбан, Вучиќ и Фицо“, имплицирајќи дека рускиот претседател Владимир Путин ги влече конците во оваа регионална оска. Вучиќ брзо возврати, нарекувајќи ги таквите изјави „глупави“ и „бесмислени“. Очигледно дека гласот му се зголемува пропорционално намалување на аргументите.

А за „азилантите“, Маѓар предлага „да престанат да одат во Икеа и да купуваат мебел, бидејќи нема да бидат тука долго“. „Унгарија не е депонија за меѓународно барани криминалци“, им рече Маѓар на новинарите, експлицитно споменувајќи го Никола Груевски. Тоа ќе биде голема главоболка за владата, кој можеби ќе бара Груевски да се врати дома, ама со молба до Господ никогаш тоа да не се случи. Во сето ова, барем е јасно дека ниеден туѓ споменик на победата нема да биде изграден врз урнатините на нашето страдање.

 

 

Back to top button
Close