Илјадници демонстранти протестираа во Прага – бараат оставка од владата
Неколку десетици илјади Чеси се собраа денеска во центарот на Прага барајќи оставка на владата, прекин на испораката на оружје за Украина, напуштање на еколошката политика на Европската унија, а некои и излез од НАТО.
Демонстрантите, кои дојдоа на плоштадот Вацлав на покана на новата вонпарламентарна партија Право, почитување и стручност (ПРО), ја обвинија владата на Петар Фијала дека не презема ништо за да ја спречи сиромаштијата во земјата.„Оставка“, „Надвор од НАТО“, „Не за војна“, „Лажлива влада и медиуми“, „Владата на Фијала ни ги краде парите и правата“, се дел од транспарентите што ги донесоа демонстрантите, заедно со многу чешки национални знамиња.
Лидерот на УЈП, поранешниот фудбалски функционер Јиндржих Рајхл, рече дека се собрале „да застанат покрај својата земја, Чешка“.
„Сакаме да ја собориме коалициската влада на пет партии предводена од Фијала преку ненасилен граѓански протест. Демонстрациите изразуваат протест не само против економската мизерија, туку и против моралната. Не сте во можност да владеете, подигнете ги последните остатоци од честа и поднесете оставка“, рече Рајхл
Иако Рајхл апелираше до демонстрантите да не дозволат да бидат провоцирани и да протестираат мирно, еден од демонстрантите фрли конзерва на Чесите кои во знак на солидарност со Украина ги држат знамињата на Украина и на Европската унија пред Националниот музеј, а полицијата го приведе. Претходниот протест заврши со обид на демонстрантите насилно да упаднат во зградата на Националниот музеј, со цел да се отстрани украинското знаме и со интервенција на полицијата.
ПРО, која според нејзиниот лидер има само 257 членови, но има и големи амбиции на следните избори, ги отфрла тврдењата дека е антисистемска и проруска партија и го осудува рускиот напад врз Украина.
Сепак, на прес-конференција пред денешниот протест, Рајхл рече дека „меѓународната заедница има двојни стандарди кога го оценува однесувањето на Русија и САД“.
„Чешка треба јасно да стави до знаење дека сака мир во Украина за кој би се договорил во мировните преговори“, рече Рајхл.
Радикалниот чешки националистички пратеник Јарослав Фолдина, кој со години беше еден од најактивните учесници во демонстрациите против независноста на Косово, ја обвини владата на Фијала дека ја вовлекува Чешката Република во војна со Русија.
„Не вовлекуваат во војна. Нема да им дадеме ниту еден син на Чешка“, рече Фолдина на протестот и додаде дека демонстрантите може да потпишат и петиција за излегување на Чешка од НАТО.
Говорниците на протестот се заканија дека ќе ги блокираат зградите на владата и министерствата и ќе организираат штрајкови доколку кабинетот на Фијала не ги исполни барањата на демонстрантите, кои, покрај суспензијата на испораката на оружје за Украина и повлекувањето на Чешка од зелената политика на ЕУ, вклучуваа и повлекување од системот за дозволи за емисии на загадувачки гасови и национализација на полудржавниот електроенергетски гигант ЧЕЗ.
Рајхл најави дека на протестот ќе дојдат околу 300.000 демонстранти, кои едвај ќе се вклопат на Вацлавскиот плоштад, но се проценува дека одѕивот бил 10 пати помал, бидејќи ја исполниле само горната половина од плоштадот.
Демонстрантите маршираа од плоштадот Вацлав низ центарот на градот кон зградата на владата, за да направат жив синџир, носејќи голем транспарент на чело на поворката „Чешка против сиромаштијата“.