Илјадници грчки државни службеници штрајкуваат поради измените на законот за работни односи

Илјадници грчки државни службеници, вклучително и наставници, лекари и работници во јавниот транспорт, протестираа денес во Атина поради измените на законите за работни односи предложени од конзервативната влада, реизбрана во јуни.

Од владата на премиерот Киријакос Мицотакис велат дека со измените ќе се реши проблемот со непријавената работа и ќе се зајакне економијата, но синдикатите и опозицијата тврдат дека тоа е атак на работничките права.

Еднодневниот генерален штрајк свикан од водечкиот синдикат на државните службеници АДЕДИ е прв ваков протест откако владата на Микотакис освои втор мандат.

Возовите и автобусите сообраќаат намалено, државните болници ги вршат само најпотребните процедури, а бројни училишта се затворени.

Демонстрантите маршираа до Собранието, каде што пратениците расправаат за измените што треба да бидат усвоени оваа недела.

Законот ќе им овозможи на вработените со полно работно време да работат други секојдневни работни места, до вкупно тринаесет часа на ден. На работодавачите ќе им биде дозволено да воведат шестдневна работна недела.

Според предлог-законот, работник може да биде отпуштен без предупредување и без отпремнина во првата година, а пробниот период може да се продолжи на шест месеци.

Пратениците од главната опозициска левичарска партија Сириза, која во недела избира нов претседател, велат дека владата спроведува таен план против работниците, а Комунистичката партија го нарече законот монструозен.

 

Back to top button
Close