Имунитет на стадо

Не е корупција само давањето пари во коверт. Корупција е силата што ти ја дава функцијата на која те поставила партијата. Може вицепремиерот Николовски да кажува приказни за етика и морал, ама и самиот знае како во Македонија се станува директор на јавно претпријатие или државна институција, член на Управен одбор, советник, пратеник, градоначалник… Партијата е расадник на кадри. Знаете какви сѐ директорски места има и кој сѐ станал директор? Веројатно, во партиските централи и забораваат кого сѐ поставиле на кое место. Тие луѓе не се ставени за директори или шефови затоа што заслужиле дека ги бива. Заслужиле оти добро се изгребале во партија. И нормално, бидејќи тие си знаат дека не би можеле ни да сонуваат да бидат таму каде што се според квалификациите што ги имаат, ја користат секоја минута за слава и пари. Мала држава сме. Ко да не се знаеме кој колку е кадарен. Холандскиот амбасадор пред десетина дена рече дека му е чудно зошто дури и директори на национални паркови се менуваат кога ќе се смени власта. А ние одамна не се чудиме зошто кај нас од промена на власта стравуваат дури и чистачките во школите. Чат-пат партијата и ќе убоде некој кадар што е вистински човек за вистинското место. Ама тоа се исклучоци, кои иако се покажале добри, ќе бидат сменети кога ќе се смени власта. Или кога ДУИ ќе го посака тоа место. Како може да се јави некој кој се чувствува способен, кога знае дека тоа место е резервирано за партијата. Луѓе кариера направија од партија. Малку во Шуми, па после во Катастар, па во Железница, па во некој институт за клатење врати, па некоја управа за водење нешто, па некој Водовод, канализација, нешто кај што треба да се вработува, па пратеник, па министер за што и да е…. Така одат работите. Излегува дека најдобро е да си од партија. Па макар и од опозиција. Така си заштитен. Остај ги, да не се вратат, ќе ни се најдат. Тоа е цврст договор со себе дека те интересира само личниот и партискиот интерес. Оти партијата нема да те даде. И само партијата може да ти суди. Тоа се вика колизија во корупција. Владата на Заев го смени речникот, ама не ја смени праксата. Затоа и перцепцијата на граѓаните е таква каква што е. И нема да се промени сѐ додека и јавната функција и приватниот бизнис зависат од партијата. Луѓето ќе имаат перцепција за корупција сѐ додека не видат дека може да им веруваат на институциите и растоварени од паразити да си ја бркаат својата работа и својот живот. Е тоа треба да си го признае власта. Па дури и да се работи само за перцепција, а не за реална состојба на корупција, перцепцијата за корупција е сосема легитимна.
Целата колумна на СДК.мк






