Инцидент меѓу Апасиев и Ристевски од ВМРО-ДПМНЕ, реагирало собраниското обезбедување. Шизофреното однесување на Апасиев го руши угледот на парламентот одговори на фб Ристески

Инцидент во ходниците од Собранието меѓу лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристевски. Според очевидци, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ му замерил на претседателот на Левица дека му ги објавуваат патните трошоци и почнал со навреди на лична основа, на што бурно реагирал пратеникот од Левица, пренесе Локално.

Во навредите, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ ги споменал сопругата и децата на Апасиев. Според изворот на порталот, реагирало и собраниското обезбедување.

На инцидентот му претходело јавното излегување на пратеникот на Левица, Сашко Јанчев кој од собраниската говорница побара службите на Собранието и Генералниот секретар да ги објават информациите кој пратеник колку патни трошоци и кирии наплатил.

-На барањето не е одговорено повеќе од три месеци. Пратеничката Мојсоска поднесе барање и како граѓанин, по закон за пристап до информации од јавен карактер. Го испрати како граѓанин затоа што како пратеник не ѝ одговараат. И по него, ѝ се одговори, но половично. Деградација на пратеничка функција е службите и Генералниот секретар да не ги третираат пратениците како пратеници туку да имаат третман за комуникација со граѓанин кој административно е надвор од Собранието. Таквиот третман не е достоинствен, кажа Јанчев.

Пратеникот на Левица информира и дека на секоја наредна седница ќе бараат еден час пауза во работата на Собранието се додека не се одговори на првичното барање.

Уште во текот на февруари годинава, од Левица обвинија дека пратеникот Ристески во Собранието, употребувал пцовки и навреди за време на обраќањето на пратеникот Мециновиќ.

„Од кој јас барам Етички кодекс?! Јас барам интерпретација за Етички кодекс – тој ми вика ‘ѓубре’. Значи ова се генијалци! Работата е, пратениците мнозинството, велат дека ние сме го прекршиле Етичкиот кодекс. Не сме ги консултирале за законот за патните трошоци за да им одговара. Од друга страна велат нема консензус со нас… И сега, од нивната фрустрација произлегува нивната потреба да нѐ пцујат по ходници.

..Пратеникот Петар Ристески, пак, со статус на Фејсбук ја раскажа својата страна на приказната:

„Од причина што се појавија шпекулации за еден немил настан во Собранието предизвикан од хистеричниот и нервен лидер на Левица, Димче Апасиев, би сакал да појаснам дека наводите споменати во дел од медиумите не се точни и не е првпат хистеричниот лидер на Левица да глуми жртва и да провоцира конфликтност физичка или вербална, сакајќи на тој начин да привлече внимание.

Нам ни преостанува или да ги игнорираме неговите лудувања или да одговориме соодветно по принципот на ‘Среќна нова 49-та’. Грешка е да му се одговори и да се падне на тоа негово ниво на однесување, посебно во светло на едно неуротичност и шизофреност која е евидентна, кога се прави принципиелен коректен професор пред јавноста и зад камерите кога испливуваат неговите најмрачни страни.

Неговата кавга е по принципот навреди на безбедно растојание, па ‘мајка бежанија’, која му ја исполни денешната цел и смисла на постоењето, а тоа е да добие дел од медиумското внимание, нешто кое се заслужува со подвизи, проекти, идеи, визија, програми, принципи, а не со циркуз каков што тој неретко приредува.

Токму затоа и неговата партија е бетонирана на 4,5% рејтинг, како одличен спаринг партнер на СДСМ и ДУИ, и токму затоа тој е драгоценост која мора да се негува и од тој аспект и кон него изразувам жалење за специфичната состојба во која овој лик се наоѓа и кој секој ден не пропушта да го руши угледот на институцијата. Сепак, наша улога како пратеници е да имаме конструктивен придонес во креирањето на политики и закони кои ќе овозможат развој и напредок на нашиот народ и држава, а вакви немили настани не дефокусираат од таа суштинска цел. Аман Димче, не плачи. Доста е“, напиша Ристески на Фејсбук.

 

Back to top button
Close