Инцидент на протестот против задолжителната вакцинација во Солун

Демонстрантите ја нападнаа полицијата со камења, предмети и молотови коктели, по што полицијата интервенираше со солзавец, шок бомби и топови со вода

Кусо пред почетокот на говорот на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во рамките на Меѓународниот саем во Солун, во центарот на градот се случија инциденти меѓу демонстрантите и полицијата на протестот против вакцината и задолжителната вакцинација, јави МИА од Атина.

Попладнево во Солун, се одржаа шест различни протести, на различни локации, организирани од синдикатите, од левичарско – анархистички организации, но и од антиваксерите, а ангажирани се над 5 000 полицајци.

Протестите завршија мирно, со исклучок на оној против вакцината и задолжителната вакцинација.

Демонстрантите ја нападнаа полицијата со камења, предмети и молотови коктели, по што полицијата интервенираше со солзавец, шок бомби и топови со вода, а инцидентите траеја кусо.

Меѓународниот саем во Солун се одржува традиционално секоја година во септември и е домаќин на странски изложувачи, со учество на земји од целиот свет, странски и домашни политичари и слично, а официјалното отворање е со говор на премиерот на Грција, кој ја соопштува владината програма и следните планови.

Традиционално, на првиот ден од саемот, синдикатите одржуваат протести.

Саемот започна денеска и ќе трае до 19 септември.

 

Back to top button
Close