Индонезија подготвена да обезбеди засолниште за Палестинците погодени од војната во Појасот Газа
Индонезија е подготвена да обезбеди привремено засолниште за Палестинците погодени од војната во Појасот Газа, како и да придонесе за завршување на конфликтот во палестинската енклава, изјави утрово претседателот на Индонезија, Прабово Субианто.
Субианто процени дека во првиот бран може да има 1.000 Палестинци кои ќе дојдат во Индонезија и дека ќе се вратат кога ќе закрепнат и кога ситуацијата во Појасот Газа ќе биде безбедна.
Тој рече дека му наложил на индонезискиот министер за надворешни работи
итно да разговара со палестинските и другите страни како да се евакуираат Палестинците во Индонезија.
„Подготвени сме да ги евакуираме ранетите, трауматизираните, сирачињата“, изјави Прабово.
Индонезија се залага за решение со две држави за Појасот Газа и испраќа хуманитарна помош во палестинската енклава.
Пред два месеца, Индонезија објави дека се противи на секој обид за насилно иселување на Палестинците од Појасот Газа, што беше предложено од американскиот претседател Доналд Трамп како трајно решение.