ИНРМ: И со новиот Закон за енергетика на удар е приватноста на граѓаните

Соопштение на Инжинери на Република Македонија (ИНРМ)

Во едно демократско општество, правото на неповредливост на домот не смее да биде предмет на ограничување поради комерцијални или технички причини, особено кога не постои механизам кој обезбедува соодветна правна заштита на граѓанинот.

Во предвидените одредби во новиот Закон за енергетика, се повторува можноста за прекршување на основните уставни права на граѓаните. Имено, новиот закон пропишува дека овластени лица на операторите на системите за електрична енергија, гас и топлинска енергија ќе имаат право на пристап до делови од имотот на граѓаните каде што се наоѓаат мерните уреди. Овој пристап се дозволува без потреба од судска одлука, а во случај на одбивање, граѓаните се соочуваат со парична казна во износ од 250 евра.

 

Со ваквите законски решенија, се отвора сериозно прашање за усогласеноста на предвидените одредбите од Законот за енергетика со Уставот. Според член 25 од Уставот, секој граѓанин има загарантирано право на приватност, достоинство и углед, додека член 26 експлицитно гарантира неповредливост на домот, која може да биде ограничена единствено со судска одлука и само во строго определени случаи, како што се откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето. Предвидените законски одредби во Законот за енергетика не исполнуваат ниту еден од овие услови, бидејќи овозможуваат административен пристап до приватниот имот заради технички или комерцијални цели на приватни и странски компании, без било каква судска контрола. Ова претставува сериозно поткопување на уставните вредности и го нарушува начелото на пропорционалност меѓу јавниот интерес и заштитата на приватноста.

 

Во едно демократско општество, правото на неповредливост на домот не смее да биде предмет на ограничување поради комерцијални или технички причини, особено кога не постои механизам кој обезбедува соодветна правна заштита на граѓанинот.

 

Во таа насока, ги повикуваме пратениците да покажат чувствителност кон ова прашање и да обезбедат во претстојната законска рамка за енергетиката да нема судир со темелните човекови права и слободи. Ова прашање не се однесува само на енергетиката, туку на темелната гаранција дека домот и приватноста на секој граѓанин се неприкосновени.

 

Back to top button
Close