Џип од 60 илјади евра бил заборавен во сервис, сега е без врати и делови – Стоилковиќ откри нова злоупотреба со имотот на Министерството
Џип марка „бе-ем-ве“ во сопственост на Министерството за односи меѓу заедниците вреден 60 илјади е пронајден во многу лоша состојба во сервис за поправка, од каде не е подигнат. Ова денеска го изјави вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ и посочи дека ова е најновата злоупотреба што деновиве ја откриле, покрај другите нови пронајдени изминатиот период, а се однесуваат на имотот на Министерството.
„Не можам да утврдам за што било користено возилото. Но, сега тоа личи на искубана кокошка. Кога јавноста ќе ги види сликите, ќе може да процени како може еден сериозно скап автомобил од Министерството да биде оставен на милост и немилост во сервис каде што му се извадени вратите, а извадени се и други делови од него и биле користени за потребите на сервисот“,вели тој.
Посочи дека сервисот во кој е оставено возилото порано се вршеле поправки на возила на Министерството. За овој случај го информирале Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Не сакаме да го подигнеме возилото. Бараме записници како е предадено, но такви нема. Сведоците велат дека е предадено во нормална состојба. Но, досега не е подигнато“,рече Стоилковиќ.
Додаде дека истрагата ќе утврди повеќе детали како се постапувало со автомобил вреден 50-60 илјади евра, во сопственост на Министерството.
Вели дека е згрозен од начинот како се трошени не само средствата, но и како е управувано со ресурсите на Министерството.
„Триесет и седум илјади евра државни пари се подигнати од касата на министерството и никогаш не се вратени без никакво образложение. Поднесена е пријава до Финансиската полиција“,кажа тој.
Стоилковиќ очекува резултати од ревизијата што ја спроведе Министерството за финансии во Министерството за односи меѓу заедници, која најави дека прво ќе ја презентира на затворена седница на Влада, па потоа врз основа на одлуките и заклучоците што ќе произлезат од неа, наодите ќе ги достави до другите надлежни институции.