Иран ќе ѝ достави на Русија ракетни лансери за краток дострел, тврдат западни разузнавачки служби

Иран се подготвува во блиска иднина да ѝ достави на Русија лансери за ракети со краток дострел, слични на оние што според САД Техеран минатата година ѝ ги испратил на Русија за употреба во војната против Украина, јави Ројтерс, повикувајќи се на западни разузнавачки извори.

Како што пренесува БТА, испораката на балистичкиот ракетен систем со краток дострел „Фатх-360“ (Fath-360) би ги поддржал руските напади врз соседната земја и би ги зацврстила безбедносните врски меѓу Москва и Техеран.

Со дострел од 120 километри, „Фатх-360“ ќе им обезбеди на руските сили нови можности за гаѓање на украинските позиции на фронтот, воени цели и населени места во близина на руската граница, објаснуваат аналитичари.

Во септември минатата година, САД соопштија дека Иран ѝ испорачал балистички ракети на Русија со девет брода под руски знаме, сите под санкции, и појаснија дека испораката не вклучувала лансери.

Западните и регионалните разузнавачки служби сега наведуваат дека доставата на лансерите претстои, но не откриваат повеќе детали.

Претходно, Русија и Иран негираа дека Техеран испратил балистички ракети или друго оружје за поддршка на руските сили во војната во Украина. Сепак, украински и европски извори тврдат дека Иран ѝ испорачал на Русија илјадници дронови и артилериски гранати.

Back to top button
Close