Иран тврди дека протокот на нафта низ Ормуската Теснина е намален за 60 отсто

Протокот на сурова нафта низ Ормуската Теснина во последните два дена е намален за 60 отсто и достигна околу 3,8 милиони барели дневно, јави денеска агенцијата Тасним, повикувајќи се на ирански официјални лица.
Според ирански извори, се проценува дека неделниот просек на нафта што минува низ Ормуската Теснина изнесува околу 9,3 милиони барели дневно.
Претходно, советник на иранскиот Корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) изјави дека протокот е „целосно под контрола“ на Иран и дека ќе остане затворен додека Соединетите Американски Држави не ги прифатат неговите барања, додавајќи дека количината нафта што во моментов се шверцува преку тој воден пат е „многу мала“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио претходно денеска изјави дека Иран ја изгубил целосната контрола врз Ормуската Теснина и дека сега тој воден пат е отворен, како и дека количините нафта што сега минуваат низ него се целосно еднакви на количините пред блокадата.
Советникот на командантот на ИРГЦ, Мохамедреза Нагди, изјави дека пловните рути во Ормуската Теснина кои Иран ги смета за нелегални наскоро ќе бидат затворени.
Нагди рече дека тие рути се направени така што биле пробиени и оштетени одделни карпести премини во тој стратешки воден пат и дека ги користеле чамци за шверцување нафта, пренесува полуофицијалната агенција Фарс.
Извозот на сурова нафта од Блискиот Исток преку Ормуската Теснина и понатаму е неизвесен поради застојот во мировните преговори меѓу САД и Иран.






