Иреални сказни од реалниот живот: „Дома си е дома“, или Чешиново – Облешево како Гармиш – Партенкирхен!?

На почетокот, една реална приказна, од пред триесетина лета. Во Охрид, секое лето,  доагаше легендарниот Дар-Мар (Дарко Марковиќ) со неговата продуховена сопруга. Заседнувавме во, исто така, легендарната “Летница”. Ресторанот, на “Дарданелите на Балканот” ( да видиш и да те видат!), како што колегата (по новинарството и по владиниот ресор за информации), Милчо Балески, милуваше да го нарекува тој мал простор, кој ги спојуваше Старата чаршија (корзото кое,пак, ги спојуваше охригани и охриганки во љубов, а богами не малку – и во брак) и градскиот плоштад.

Во тоа време Македонија беше “Немачка!”. Тоа беше една шега, кога постарите во Охрид  милуваа да се пошегуваат: овде е “Немачка!”, синко – таму е “Имачка!”.  Имаше и вакви шеги: син ми е Бремен, сеуште немаме внучиња, ама ќе даде Господ!

На ова ме потсети легенадарниот спот на корона – тема:  остани дома, или во оригинал: “дома си е дома!”. Што знаат деца што е кањонот Матка, или да речеме некое езеро, таму горе над Гармиш – Партенкирхен (помакедончено: Чешиново-Облешево!), по кое, една недела се рашетувавме, го заобиколувавме,  со Павлета Трајанов и уште неколкумина претеници, демек, надежни  ученици во “Џорџ Маршал Центарот”.

Нешто слично, како приказната со Ј.Б.Тито и Махмут Бакали. На Косово ги крадеа пругите. Го вика Тито, Бакалија, му става забелешка, а овој: “шта знају деца девет (имаше авион со таква марка!)шта је железничка пруга. Доѓу, откорне је и носe је   куќи!”.

За Косово уште една досетка, за помладите: “ко пали – Махмуд Бакали! Ко гаси-Азем Власи!Ко шева – Вели Дева”!

Немачка во Македонија, имачка во Германија!?

Но,  да им се вратиме на Дар Мар и на “Немачка!”.  Што правиме со рестрикцииве, му велам. Од време на време, ќе пуштеја по некој производ по продавниците, те се растрчувавме кој побрзо да стигне да купи кутија прашак за перење “Биљана”, откај  Јорго Ќука од “Охис”. Немаше бензин. Се возеше по системот: пар-непар. Вистинска “Немачка!”.

Не се секирај, вели Дар-Мар, утре ќе ти кажам каде има се, да се снабдуваш колку  ти душа сака. Утредента, во “Нова Македонија”, во стрипот на Дар-Мар, го именуваше како “Пецко” (оној што пецка!), осамна ваква приказна: “доагај ваму, овде има се, купувај колку сакаш. Каде е тоа Пецко, во која скопска населба? Во Лондон”, одговара Пецко.Ете!

Ете, летувајте дома, на некое таму, како од соништата, уредено езеро во Германија.  Летувајте-сонувајте! Телото нека ви е овде, а мислата, да речеме во Гармиш – Pартенкирхен, или Баден Баден, или….Македонски состојби. 

Mazedonische Zustände !

Телото овде, а главата во Албанија. Најубаво е во Дерми. Лично ви го ганатирам. Или во Грција, да речеме. Ако веќе ви е премногу далеку залезот на сонцето во Санторини, а Крф ви е – преку море, лично ви ја гарантирам постојбината на Паргали.

Ние, во нашата библиска Македонија, ова лето ќе бидеме библиски понтонски мост, преку нас,  да поминат и да се вратат браќата Срби.  Им дадовме дури 5 часа – ДА НЕ ПОМИНАТ!  Богами, широкогради се покажавме. Од Табановце до Евзони, доста им беа и 3 часа. Нема потреба од застанување, кафе пиење, бензин дополнување… Само една молба:  кога ќе се враќаат, малку да ги подизваваат главите, колку да видиме што е морска боја!

Вообичаено, браќата Срби, е, сега, не сите, на враќање од Грција, навраќаа во Охрид, уште по неколку дена. Да ги допотрошат парите што им останале, во некој ресторан. Како велат угостителите во Охрид: “не виждаш пара од доодените од земјите на Бенелуксот! Дур не то влезиT Србин,овде пара не влегвиТ”!

Е, сега, не можат и да сакаат за 5 часа! Тражили сте гледајте!

На Стража ги измислија, во Охрид ги УСОВРШИЈА!?

Долги години, додека во Супер Радио креирав вести, како онаа кога бирав помегу пријателството со Киро Глигоров и професијата (провалувањето на тајната средба со Слободан Милошевиќ во Охрид), тоа беше “мали ББЦ са балкана!”. Малкумина знаат дека бев поприлично вешт и за креирање мали текстови за радио реклами. Тоа не е лош занает во светот. Јас го сакав.

Ќе ви издвојам 3 реклами, кои ми оставија впечаток. Првата е глобална и со пораката и со духот: “не сум јас мал,брат ми е голем!”, вели она мало градско мерцедевче.

Втората е локална, охридски – земна, ама,сепак прагматична. Една пицерија, својот производ го рекламира вака” “италијанците ги измислија – охриѓанците ги усовршија”!

Ок. Зашто да не? Последната е веќе приземна, да не кажам подземна: се рекламира едно погребално претпријатие, на начин што, кога, покојникот се погребува,баш преку истото, сите се веселат, наместо да тагуваат!? Милина!!!

“Бергамо пица!”: Италијанците ја измислија, охриѓанците ја усовршија!

Велат, духот последен умира, сатирата и хуморот, ќе ни бидат последната татковина. Особено ако куќата (државата) ни се иззидани на тло од песок!  Бранко Геро вели дека италијанскиот премиер, Конте бил на суд – наконтен, поради Бергамо. На што алудира само тој си знае, но станува збор за градот во северната италијанска провинција, кој катаклизмично, библиски насрада од корона вирусот. Старите лица, ги собирале, од старечките домови – покосени, оставени, напуштени….

Ако сакаме да бидеме заедливи, добро е што ние немаме старечки домови. Сега, дури, треба да и честитаме на урбанистичко-градежната мафија во Охрид, што објектите, божем  старечки домови, ги “испраа!” во хотели!? Колку биле далекувиди,богати!? За воља на вистината, нашиот пензионерско-старечки претставник во парламентот го постави тоа (пратеничко) прашање, ама одговор ќе добие – на Св Никојден!

Филипче вели дека “само!” 200 гладни и страдни души поминале низ дворот на некој славен охриѓанец да ја пробаат “Бергамо пицата!”, подготвена на охридски начин, во форма на најобична мекица, или тигајњчиња (тиганици), какви што ни подготвуваа нашите мајки. Деца гладни, закашкај малку брашно и вода, додај сол и прижи на зејтин, или сало. Не се срамете тоа да го кажете, и италијанската пица е оброк на сиромашните, срамете се од градскиот простотилак, скороевиќество, незнаење, неопитност, неодговорност…

Што носи денот, не носи годината: “На 15 септември!”, пардон,  на 15 јули!

Од дедо ми Ангелета запаметив една изрека која често ја употребуваше: што носи денот, не носи годината!? Можеби, наизглед, неразбирлива, ама доста поучна. Од лицето Б.Ц запаметив еден извик: “на 15 септември!”.

Тој ден – Д, беше вчерашниот. Вчера се случија толку настани, што во една нормална демократија (земја) би им требало година дена. Мојот Претседател, драгиот Стево,

го поздрави постигнатиот договор помеѓу лидерите на политичките партии,

предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули годинава.

Констатира дека е тоа “уште еден показател дека во секоја зрела демократска земја неопходен е политички дијалог преку кој се носат усогласени одлуки и одлуки исклучиво во интерес на граѓаните!”.

И до крајот на денот, стигна да  донесе “нова одлука за утврдување на постоење вонредна состојба на територијата на целата држава, а со цел да се овозможи непречена подготовка на изборите!”.

Ете, стигна и претседателот на Собранието (кое не постои!) Талат Џафери, да го потпише решението според кое предвремените избори за пратеници ќе се одржат на 15 јули годинава.

Да констатира дека „овие избори ќе бидат невообичаени по тоа што нема да има вообичаена изборна кампања, меѓутоа, тоа што е поважно и на кое ќе мораме сите да се придржуваме на најдисциплиниран начин се мерките и препораките на Министерството за здравство, со цел да се заштити здравјето и животот на граѓаните1“.

Стигна и Оливер, да ја свика владата, која  синоќа ја донесе Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на 15 јули!

Што да ви кажувам кога и самите знаете на ваква ефикасност, дури,и тетка Меркел ни завидува.(Крај)

Веле Митаноски

Back to top button
Close