Истекува рокот од 60 дена за воени операции на Трамп без одобрение од Конгресот
Во САД денеска истекува рокот од 60 дена утврден со Законот за воени овластувања од 1973 година, кој му дозволува на претседателот да води воени операции без одобрение од Конгресот.

Според законот, американските претседатели имаат 60 дена да реагираат на непосредна закана или напад без претходна согласност од законодавната власт. Соединетите Американски Држави и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, а претседателот Доналд Трамп официјално го извести Конгресот 48 часа подоцна, со што започна да тече рокот што истекува денеска, на 1 мај.
Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, во сведочење пред Сенатот изјави дека двонеделното примирје го одложило рокот, а законот предвидува и дополнителни 30 дена за безбедно повлекување на војската. Сепак, дел од демократите во Конгресот предупредуваат дека рокот не требало ниту да се активира бидејќи, според нив, не постоела непосредна закана од Иран.
Неименуван американски функционер изјави дека примирјето започнато на почетокот на април било делумно поврзано со овој рок, додавајќи дека непријателствата започнати на 28 февруари се сметаат за завршени. Тој истакна дека од почетокот на кревкото примирје пред повеќе од три недели нема размена на оган меѓу американските сили и Иран.
Аналитичарите и дел од конгресмените претходно оценија дека Трамп би можел да побара дополнително продолжување од 30 дена или целосно да го игнорира рокот, повикувајќи се на аргументот дека прекинот на огнот го означил крајот на конфликтот.






