Историска бронза за канадските кошаркари, САД останаа без медал на СП
Кошаркарите на Канада го освоија бронзениот медал на Светското првенство кое денеска завршува во Манила откако во натпреварот за третото место ја совладаа репрезентацијата на САД по продолжение со 127:118 (34:25, 24:31, 33:26, 20:29/16:7).
До својот прв медал на светските првенства Канада ја предводеше Дилон Брукс со 39 поени, додека кај Американците најефикасен беше Ентони Едвардс со 24 поени.
Канада беше блиску до победа и во регуларниот дел, но американските кошаркари го однесоа натпреварот во продолжение со тројка на две секунди пред звукот на сирената.
Во дополнителните пет минути Канада беше поуспешна со 16-7.
Светскиот првак ќе биде познат попладнево по дуелот меѓу Србија и Германија. Тоа ќе биде прво европско финале по 2006 година.
Домаќин на следното Светски првенство, 20 по ред, ќе биде Катар во 2027 година