ИТН и БСП ги потврдиле бугарските позиции кон Скопје

Експерти од двете партии ја потврдиле политиката кон РСМ, втемелена на декларацијата усвоена од 44-тото бугарско собрание, на рамковната позиција на владата и на ставовите на БАН.

  

Експерти на „Има таков народ“ и БСП се согласиле дека Северна Македонија треба да влезе во ЕУ, но Бугарија треба да продолжи да опстојува на ставот дека земјата треба да го почитува Договорот за добрососедство од 2017 година

Северна Македонија треба да влезе во Европската унија, но Бугарија треба да продолжи да опстојува на ставот дека земјата треба да го почитува Договорот за добрососедство од 2017 година. Околу оваа позиција на бугарската надворешна политика се согласиле „Има таков народ“ и БСП на вчерашните разговори меѓу експертите од двете партии, објавуваат бугарските медиуми.

„Стратегиски важно е проширувањето на ЕУ, особено со земјите од Западен Балкан, а бугарската позиција кон Република Северна Македонија се темели на решението на Парламентот, на рамковната позиција на владата и на позицијата на Бугарската академија на науки (БАН)“, изјавил пред новинарите Димитар Грдев, експерт за надворешна политика и меѓународен секретар на партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“.

Тој потенцирал дека се свесни оти треба да бараат поголема комуникација со западните партнери и да ја објаснуваат бугарската позиција, бидејќи „таа е правилна”.

„Најважно за нас е да ја видиме РС Македонија како дел од ЕУ и Бугарија да биде опкружена само од пријателски држави и земји-членки. Позицијата на Бугарија треба да биде појасно комуницирана со нашите партнери во ЕУ. Ние имаме потпишан договор, имаме јасно преземени обврски и гледаме како се спроведува нивниот договор што го потпишаа со Грција. На нашите партнери во ЕУ треба да им биде јасно дека ние не сакаме ништо повеќе. Ние не поставивме нови услови кон РС Македонија. Сето она за кое настојуваме е напишано во Договорот за пријателство и добрососедство. Бугарија не направила никакви опструкции за нивно пристапување во ЕУ, не сме поставиле ништо ново. Единственото нешто кон кое се стремиме, е брзо и активно да си ги исполнат преземените обврски. И ние ќе ја преземеме должноста да ѝ помогнеме на таа земја за ефективно и брзо членство“, изјавил Грдев.

На прашање на агенцијата БГНЕС дали е неопходно парламентот да усвои нова декларација за односите со РСМ, меѓународниот секретар на „Има таков народ“ одговорил дека нема потреба.

„Околностите не налагаат промена на декларацијата усвоена од 44-то Народно собрание. Преговорите се динамични, да видиме какво ќе биде мислењето на РС Македонија, на владата на Зоран Заев, на парламентот. Во тек се процеси за усвојување на нивна декларација. Нека проработат прво нашиот парламент и комисијата за надворешна политика, и ќе дејствуваме според новите предлози. Некои од нив може да бидат и подобри”, нагласил Грдев.

Бугарскиот парламент не треба да ја менува декларацијата за односите со РСМ, смета меѓународниот секретар на „Има таков народ“, Грдев

Совпаѓања во ист ден

Неговата изјава е дадена пред вчерашното усвојување на Резолуцијата за црвените линии во заштита на македонските националните интереси, која беше изгласана со 95 гласа „за“, а еден „воздржан“.

Веста за усвоената резолуција ја пренесоа бугарските медиуми, дел без коментари, а „Дневник“ направи и споредба на она што Бугарија го оспорува, а е содржано во македонската Резолуција. Споредбата, пред сѐ, се однесува на делот од Резолуцијата во кој се вели дека македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и временски континуитет (додека Софија го третира како дијалект на бугарскиот јазик), како и за ставот дека „споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата” (нешто за што Бугарија ја обвинува РСМ).

Весникот нотира дека резолуцијата била изгласана на денот кога во Скопје лидерите на Северна Македонија, Србија и Албанија објавија продлабочување на досегашниот проект за регионална интеграција под новото име „Отворен Балкан“, но го пренесува и одговорот на премиерот Заев на новинарско прашање – дали очекува по изборите во Бугарија да се придвижат работите.

„Посакувам Бугарија навистина да направи влада. Тоа е добро и за Бугарија и за бугарскиот народ, секако и за регионот. Добро е и за Северна Македонија. Штом ќе се направи влада – продолжуваме да разговараме. И како што ние и нашите граѓани сега одат со лични карти низ нашите граници, каде што ги разменивме ресурсите за справување со катастрофи, ќе можат и тие (Бугарите -н.з.) да се приклучат доколку сакаат. Затоа што ова е Балкан. Иако се земја членка на ЕУ, зошто не?“, изјави Заев.

Belgien | Bilaterales Treffen Zoran Zaev und Rumen RadevМакедонскиот премиер Заев вели дека разговорите со Бугарија продолжуваат штом таа земја ќе добие влада (фото: Заев со бугарскиот претседател Радев во Брисел, јуни 2021)

Во корист на „српскиот свет“

Што се однесува до„Отворен Балкан“, како и секогаш кога се во прашање заеднички активности на Скопје и Белград, во бугарската јавност редовно се јавуваат четива со ставови дека не е завршен процесот на „десрбизација“ на РСМ. Овојпат, четивото го позајмија директно од Скопје. БГНЕС го пренесе ставот на писателот и аналитичар Ким Мехмети, кој на Фејсбук жестоко го искритикува проектот со оценка дека тој не претставува ништо друго, освен важен чекор кон реализација на идејата за „српски свет“, односно за Голема Србија.

„Сѐ наликува на времињата кога албанските лидери се гордееја кога им ги бакнуваа чевлите на српските кралеви, а бесрамно му плукаа во раката на братот Албанец“, напиша Мехмети, кој Македонците ги нарече Славомакедонци.

„И како што е познато, без Белград, Славомакедонците се чувствуваат како дете без мајката што го родила и му згрешила, ама се поставува логичното прашање: што е тоа што Албанија ја прави поблиска до Србија отколку до Косово? Братството помеѓу сликарот (Рама- н.з.) и српскиот претседател е резултат на заедничкиот проблем што Рама и Вучиќ го имаат со ЕУ и се плашат од неа – проблемот со законите и со желбата нивните држави да останат ‘крави хранети од сите, ама молзени само од нив двајцата’!” напиша Мехмети.

извор: Д В

Back to top button
Close