Изборите договорени за 15 јули, од Пендаровски ќе се бара продолжување на вонредната состојба

Парламентарните избори ќе се одржат на 15 јули. За овој датум, како што објави, лидерот на СДСМ Зоран Заев, е постигнат договор меѓу него и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, од кого очекува јавно да го потврди тоа. Од претседателот Стево Пендаровски ќе бараат да прогласи нова вонредна состојба, но како што рече, само за да се донесат уредби за да се дорегулира изборниот процес.

– Ние преземаме чекор веднаш да заврши оваа игра на нерви за да не страда народот. Се знае и во минатото кој бил одговорен и кон граѓаните и кон државата. Така и сега СДСМ ја покажува својата големина, разбирање и одговорност. За не страда народот и да му се овозможи на Мицкоски и  ВМРО-ДПМНЕ на дело да ја покаже својата одговорност,  го заклучуваме 15 јули како конечен последен и единствен датум за избори на кој гарантирано ќе учествува опозицијата, изјави Заев на денешната прес-конференција во седиштето на партијата.

Тој истакна дека два дена претходно ќе гласаат болните и изнемоштените, меѓу кои и лицата со коронавирус, но и оние кои се во домашна изолација и самоизолација. Молкот ќе настапи на крајот на денот на 12 јули во недела.

-И овој пат СДСМ покажа колку повеќе е одговорна партија од ВМРО-ДПМНЕ. Време е да се одважат и ова решение да го потврдат пред народот. Ова е за спас на државата. Да одговорат и влезат во демократскиот процес заедно со сите други политички чинители, рече лидерот на СДСМ.

Тој додаде дека од претседателот на државата Стево Пендаровски ќе биде побарана нова вонредна состојба само за изборите.

-Следен чекор ќе биде да побараме од претседателот Пендаровски нова вонредна состојба за да го обезбедиме учеството на опозицијата на изборите, за да го промените денот на избори од недела во среда на 15 јули и дека се гласа наместо до 19 до 21 часот, да се одредат понеделник и вторник 13 и 14 јули за изменоштени и болни, за да се заштитат сите граѓани и да го добијат правото на глас, како и да дефинираме дека молкот истекува во недела на полноќ, рече Заев потенцирајќи дека оваа нова вонредна состојба ќе биде само заради усогласување на 15 јули за датум за изборите, а не заради некакви економски мерки за справување со кризата бидејќи тие веќе се реализираат.

Тој смета дека до договор би стасале и порано, доколку, како што потенцира, земјава имала поодговорна опозиција. Ова, смета било купување на време и собирање храброст опозцијата да се соочи со народот. Сите изговори за заштита на здравјето на граѓаните, рече, немаа врска, бидејќи ниту беа споменати на последната средба кај Пендаровски.

На прашањето дали има гаранција дека Мицкоски нема да се премисли и за овој датум, Заев итакна дека „човекот вреди онолку колку што му вреди зборот“.

-Затоа го повикувам денеска и тој да каже дека на 15 јули ќе одат на избори. Ние правиме неколку отстапки бидејќи првиот термин беше на 14, па 21 јуни, па 5 јули и еве сега 15 јули. Во ред поголемиот и поодговорниот да попушти, рече Заев истакнувајќи дека избори се потребни за да се озбебедат функционални институции.

Најави дека за договорот ќе го информираат претседателот Пендаровски, кој, како што рече, ќе ги информира и останатите политички партии. Со Мицкоски се договориле да ги информираат и членовите на ДИК, да седнат и да ги усогласат сите протоколи за одржување на изборниот процес.

-Натаму одлучуваат граѓаните. Тие ќе кажат кој ќе се справува со Ковид-19 наесен. СДСМ е одговорна власт која по 15 јули ќе продолжи да ја води државата на исправниот пат уште подобро. Граѓаните ќе кажат кој ќе се справува со Ковид на есен, изјави Заев.

Во врска со ажурирањето на избирачкиот список, рече дека процесот е застанат откако бил завршен јавниот увид и оти остануваат два дена за реагирање на политичките партии.

Во меѓувреме, рече, МВР по службена должност синоќа до ДИК доставила податоци за сите лица кои до 5 јули навршуваат 18 години и се стекнуваат со право на глас.

-Ажурањето на избирачкиот список е фаза каде сме застанати, но тоа е процес со неколку потфази. МВР доставува список, па има јавен увид, па право на политичките партии да реагираат, па граѓаните имаат право на управна постапка… Јавниот увид е завршен и останати се уште два дена политичките партии да реагираат. Оттука треба да продолжи процесот. По службена должност МВР синоќа достави комплетиран список со сите лица кои до 5 јули ќе направат 18 години и имаат право на глас. Веројатно сега ќе треба да испратат нов за сите лица кои ќе станат полнолетни до 15 јули, истакна лидерот на СДСМ.

Прашан дали доколку СДСМ изгуби на изборите ќе поднесе оставка, Заев истакна е уверен дека СДСМ ќе победи, а тоа, потенцира, го покажува и нивното истражувања.

Прес на претседателот на СДСМ Зоран Заев

Posted by MИА.mk on Понеделник, 15 јуни 2020

Back to top button
Close