Жерновски: Мицкоски очајно бара алиби за избори
Ние, на денешната прес-конференција сакаме да го објасниме сценариото коешто е во режија на Мицкоски, поточно кажано во режија на српските и руските служби, а коешто за жал ќе го гледаме во наредниот период, пишува во денешното соопштение на СДСМ од прес-конференција на Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор и секретар за меѓународна соработка.

„Нас како СДСМ ни е должност ова сценарио да го презентираме пред граѓаните за да предупредиме што ќе се случува. Не бевме на почетокот разбрани кога објаснувавме за српски свет, за Орбан, за Вучиќ, подоцна беше јасно дека тоа што кажувавме беше вистина. Така да не треба да се има никакво сомневање дека ова што ќе го објавиме во овој период е вистина, затоа што тоа се информации до коишто доаѓаме и тоа од луѓе од кругови коишто многу добро знаат што ќе се случува кај нас како последица на она што се случува во регионот. Мицкоски очајно бара алиби за избори. Внимавајте, самиот кажува дека не сака предвремени избори, но истовремено моли да му биде фрлена ракавица или веројатно поточен е изразот да му биде фрлена гума за спасување од страна на опозицијата. Тоа е неверојатно спротивно на она што самиот го кажува“ рече Жерновски.
Порача „уште еднаш на почетокот да му порачам дека СДСМ нема да биде алиби за ова сценарио во коешто тој има само улога, макар и главна, но не е режисер. Тој не сака да признае дека главниот проблем и главната причина зошто бара предвремени избори е празниот буџет. Негов главен проблем се бројките. Тој има полни бројки во Собранието, има мнозинство и затоа му е тешко да објасни зошто воопшто и му требаат предвремени избори. Но, нема полни бројки кај резултатите од неговото работење и нема полни бројки кај буџетот“.
„Резултатите се нула, буџетот е нула. Испразнет. Поточно кажано, украдени се парите. Секоја недела имаме нови и нови задолжувања, меѓутоа тоа сценарио веќе не може да оди до недоглед и затоа се потребни вонредни избори. Сето тоа се работи, сценариото е работење на лична материјална корист, но истовремено исполнување на руската и српската анти-ЕУ агенда, бидејќи единствено ним им одговара Македонија да остане надвор од Европската унија како некоја тампон-зона. Ова, се разбира, му одговара и на Мицкоски лично затоа што со отворање на преговорите кај нас треба да почне да функционира европското законодавство или, што е уште поголем проблем за него, европско обвинителство. Ако дојде европското обвинителство, тогаш се работи за испитување за криминалите. Се разбира, не сака да има истрага за аферите, за криминалите“ порача Жерновски





