Изложба на колекционерски дела од Петар Мазев во Белград

Македонскиот КИЦ во Белград и МТС Дворана, заеднички ја организираат изложбата „Сага за творечките немири“ посветена на великанот на македонската ликовна уметност Петар Мазев. Десет дела од приватната колекција на Игор Станковиќ ќе бидат претставени пред белградската публика во рамките на пригодното одбележување 30 години македонско-српски дипломатски односи.

Петар Мазев (1927 Кавадарци-1993 Скопје), бил студент на Академијата за ликовни уметности во Белград и еден од најпрепознатливите накедонски ликовни уметници во втората половина на 20. век, со остварени бројни изложби во белградските ликовни простори.

Македонското Министество за култура и туризам, кое ја поддржува оваа изложба, на свеченото отворање ќе биде претставено од државната секретарка Марија Станчевска Ѓоргова, која, заедно со директорот на македонскиот КИЦ во Белград Васко Шутаров и директорот на МТС Игор Станковиќ, на 12 јуни во 19 часот во МТС Дворана, ќе ја отворат оваа исклучително значајна и вредна колекција слики. 

Во каталогот за изложбата, позната историчарка на уметноста Викторија Васева Димеска, вели:

„Со изложбата на Петар Мазев,  една од клучните фигури во развојот на современата македонска ликовна уметност во втората половина на 20 век,  се продолжува интенцијата на МКИЦ во Белград за презентирање на клучните македонски уметници, кои  ја граделе, иновативно осмислувале и профилирале нашата ликовна сцена, а чии дела се наоѓаат во белградските приватни збирки.
Мазев е познат на беградската публика според редица изложби оганизирани во градот, но сепак, секогаш останува нешто невидено, нешто што чекало притаено и треливо да биде откриено…и токму ваков систем  на презентација, ваков концепт,  овозможува да ги проследиме делата што или не сме ги знаеле или, пак, видени во некоја пригода, сме ги заборавиле.
Десет дела на Мазев настанати во период од 1977 до 1992, го  отсликуваат богатството на различноста во неговиот ракопис, што дава еден комплексен исечок од неговиот раскошен творечки потенцијал. Внимателниот избор на делата на Мазев, го иницира  сублимираното богатство на разновидноста на ракописот, со што се следи и чита  неговата визуелна реторика. Така, од понагласената фигурација во делото „Покрај Радика“ (1977), и поекстатичната „Каријатида“, на која и е тесен просторот на платното, во 1987 ја создава гротескната композиција „Без зборови“, каде што формата е поексплозивна од колоритот, додека во доблесната хармонична игра  на формата и бојата, преплетот на распрснатите колористички сензации речиси ја сокриваат фигурата во композицијата  „Човекот што стои“. Во делото „Презир“ (1988), портретот не го изразува неговиот особен интерес за овој мотив како таков, туку е предизвик со самото богатството на содржините на разновидните форми на лицето, облици, сенки…што го поттикнуват  неговиот еруптивен темперамент. Веќе во композициите „Без наслов“, „Портрет“ и „Жена со црвена насмевка“, настапува виртуозната игра на цртежот, која отвора енигматичен простор за откривање на облиците кои постојано наведуваат и заведуваат. Последните две дела од оваа збирка, се и меѓу последните дела од неговиот творечки и животен пат, настанати непосредно пред ненадејното згаснување на неговата палета: со  „Оплакување“ (1992) , трогателно мирна композиција, се  вивна и крикот, последниот поздрав…  „За син ми“ (1992).
Во последните години од животот Мазев  се предаде на најдлабоките треперења на духот, не ја напушти едноставно борбата  која го доведе до се понагласено деформирање на  призорот на сликата како одраз на сопствениот очај и немоќ пред изгорениот пејзаж на човековата судбина и до крај остана верен на колоритот, миризбата на родното поднебје и на македонската духовна и визуелна ликовна ризница. “

Изложбата ќе трае до 12 јули 2026 година.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close