Израелскиот опозициски политичар Бени Ганц се повлече од парламентарните избори

 Израелскиот опозициски политичар и поранешен министер за одбрана, Бени Ганц, денеска објави дека се повлекува од учеството на парламентарните избори закажани за 27 октомври, точно осум дена пред нивното одржување, откако анкетите покажаа дека неговата партија е на работ да не го помине изборниот праг.

Резултатите од неодамнешните предизборни анкети покажуваат дека десноцентристичкиот сојуз „Сино и бело“, предводен од Ганц, можеби нема да успее да го премине изборниот праг од 3,25 проценти за влез во Кнесетот (израелскиот парламент), а неколку членови на партијата веќе ја напуштија политичката формација.

И покрај повлекувањето, Ганц повторно повика на формирање влада на национално единство, во која според него треба да влезат партии од сите спротивставени политички табори – и формации што го поддржуваат премиерот Бенјамин Нетанјаху и фракции што му се противат.

Сепак, поранешниот началник на Генералштабот на израелската армија, Гади Ајзенкот, кој е еден од главните политички ривали на Нетанјаху, ја отфрла идејата за формирање ваква влада на национално единство.

Инаку, по нападот што Хамас го изврши во Израел на 7 октомври 2023 година, Ганц и Ајзенкот станаа дел од вонредната воена влада, но подоцна ги напуштија функциите поради сериозни несогласувања со Нетанјаху за повеќе прашања, меѓу кои и идното управување со Појасот Газа.

Анкетите воедно покажуваат дека ниту политичкиот табор на Нетанјаху ниту опозицијата во моментов не можат да очекуваат апсолутно мнозинство на претстојните избори.

Back to top button
Close