Калас значително ја намали сумата што ја предлага за итна воена помош за Украина

Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Каја Калас значително ја намали сумата што ја предлага за итна воена помош за Украина поради отпорот на неколку земји членки.
Калас претходно предложи земјите членки да ѝ дадат на Украина итна воена помош во вредност од најмалку 20 милијарди и до 40 милијарди евра.
Овој предлог вклучува и набавка на два милиони парчиња артилериска муниција, системи за противвоздушна одбрана и обука на украински војници. Земјите членки ќе придонесат според својата економска сила во форма на финансиска или материјална помош.
Сепак, некои земји, како што се високо задолжените Италија и Франција, се спротивставија на идејата за пресметување на придонесите за помош на Украина врз основа на големината на БДП на земјите членки.
„Реален план сега би бил 5 милијарди евра за муниција и тоа е она на што во моментов работиме. Треба барем да започнеме со некој конкретен чекор – не само зборови, туку и дела за да ѝ помогнеме на Украина во моментов, бидејќи колку се посилни на бојното поле, толку се посилни на преговарачката маса“,рече Калас пред почетокот на самитот на ЕУ во Брисел.