Кампл во Лајпциг до 2026
Словенечкиот фудбалски репрезентативец Кевин Кампл го продолжи договорот со Лајпциг до лето 2026 година, соопшти денеска германскиот прволигаш.
Триесетитригодишниот словенечки играч за врска дојде во Лајпциг во август 2017. од редовите на Баер Леверкузен.
„Тоа што го минав тука од 2017 е уникатно. Повеќе пати сум рекол: Лајпциг е мојот клуб, во овој град моето семејство и јас се чувствуваме како дома. Едноставно, сакаме да живееме тука“, изјави Кампл, кој е роден во Германија, а како дете на словенечки иселеници на репрезентативен план избра да настапува за земјата од која потекнуваат неговите родители.
Кампл во дресот на Лајпциг досега одигра 220 натпревари и постигна девет голови, а со својот клуб освои две титули во германскиот Куп и една во Суперкупот.