Канаѓанка со македонско потело донесе олимписка бронза за националниот софтбол тим на Канада

Победата на Канада над Мексико во софтбол синоќа и бронзата за канадскиот тим на Олимписките игри во Токио, за Македонците од Северна Америка немаше да биде забележана ако најзаслужна за тоа не беше пичерот Џена Кајра, која има македонско потекло, од мајчина страна.

Како што јавуваат канадските медиуми, победата од 3:2 за Канада дојде по поентирањето од репрезентативката Џенет Лиунг, а канадските пичерки (фрлачки) Сара Гроуневеген и Џена Кајра имале успешно фрлање, елиминирајќи ги противничките батери (кои се обидуваат да ја одбијат топката со палка). Тоа им донело победа на Канаѓанките. 

Софтбол е помалата верзија на, во САД и Канада, попопуларниот бејзбол. Правилата се исти со разлика во полето од каде се фрла топката и големината на целиот терен. Најважната разлика е тоа што софтбол топката се фрла со замавнување од доле, додека во бејзбол фрлањето е со замавнување од горе или од страна. 

Во биографијата на Кајра е наведено дека пред да настапи за националниот тим четири сезони играла како главен пичер на универзитетот Сиракуза, во Њујорк, и има многу освоени титули. Таа е и првата репрезентативка во софтбол која доаѓа од Сиракуза. 

На прашањето „ако би можела да поминеш еден час со некого, жив или починат, кој би било тоа и зошто“ Кајра вели: 

-Моите баба и дедо. Да ги слушнам нивните приказни и потоа да танцувам со македонска музика, додека баба ми и дедо ми се ороводците“. 

Back to top button
Close