Канада претстави нова стратегија, во фокусот справување со заканите што доаѓаат од Кина

Канада синоќа ја претстави својата стратегија за индо-тихоокеанскиот регион, која предвидува 2,3 милијарди канадски долари (1,7 милијарди американски долари) за зајакнување на воената и кибер-безбедноста во регионот, со фокус врз стратегијата за справување со заканите што доаѓаат од Кина.

Според планот детално опишан во документ од 26 страници, Канада ќе ги заостри правилата за странски инвестиции, за да ја заштити интелектуалната сопственост и да ги спречи кинеските државни претпријатија да стекнат контрола врз критичните резерви на минерали.

Канада се обидува да ги продлабочи врските со земјите од сè поважниот индо-тихоокеанскиот регион, но фокусот е врз Кина, која се споменува повеќе од 50 пати во документот. Четворица канадски министри пред медиумите во Ванкивер соопштија дека стратегијата е од клучно значење за националната безбедност и климата на Канада, како и за нејзините економски цели.

 

Либералната Влада на премиерот Џастин Трудо сака да ги диверзифицира трговските и економските односи на Канада. Трговијата со САД сочинува дури 68 отсто од вкупната трговија на Канада, според официјалните податоци за септември. Документот укажува на дилемите со кои се соочува Канада во односот со Кина.

 

Тензиите со Кина се зголемија кон крајот на 2018 година, откако канадската полиција уапси директор на „Хуавеи“, а Пекинг потоа уапси двајца Канаѓани под обвинение за шпионажа. Сите тројца беа ослободени минатата година, но односите останаа затегнати.

 

На почетокот на овој месец Канада им забрани на три кинески компании да инвестираат во канадскиот сектор за критични минерали, наведувајќи ја како причина националната безбедност.

Објавениот документ наведува дека Отава ќе го ревидира и ажурира законодавството за да и овозможи „одлучно да дејствува“ во услови кога инвестициите од странски субјекти ја загрозуваат канадската национална безбедност, вклучувајќи ги и критичните државни синџири за снабдување со минерали.

Back to top button
Close