Касами: Вреди ќе го одржи завршниот митинг во Тетово, Груби да престане со провокации

Двете албански коалиции „Европски фронт“ и „Вреди“ засега не се откажуваат од одржување на завршните митинзи во ист ден во Тетово.

Носителот на листа за пратеници во Шестата изборна единица од Коалицијата „Вреди“ и актуелен градоначалник на Тетово, Билал Касами, денеска го потврди одржувањето на завршниот митинг на 6 мај на плоштадот „Илирија“ во Тетово, посочувајќи дека имаат добиено одобрение од Општина Тетово, за која вели е единствената институција одговорна за јавните простори.

– Коалицијата „Вреди“ ќе организира завршен митинг на 6 мај во Тетово. Согласно законот, Коалицијата „Вреди“ се обрати во Општина Тетово, како единствена институција одговорна за јавните простори, плоштадите и другите јавни простори и Општина Тетово има дадено позитивно мислење, односно одобрување за користење на плоштадот на 6 мај, рече Касами.

Според Касами, Коалицијата „Европски фронт“ на ДУИ побарала дозвола од Општината откако веќе бил закажан завршниот митинг на „Вреди“ и посочи дека организаторите немаат обврска да ја информираат полицијата за организирање на вакви собири.

Back to top button
Close