Катарина Барли за ЕНР: Дезинформациите се вистинска опасност за демократијата

Ширењето на дезинформациите претставува најголем предизвик за демократските општества, бидејќи неточните информации и манипулации се вистинска опасност за демократијата, изјави потпретседателката на Европскиот парламент, Катарина Барли во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), од која дел е и МИА.

– Гледаме дека станува многу лесно да се консумираат лаги и теории на заговор и многу потешко да се добијат сигурни, доверливи информации. И ова е постојан предизвик, а демократијата зависи од тоа, вели Барли, која е членка на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), помалиот партнер во германската владина коалиција.

Барли нагласува дека една година по Европските избори, кои резултираа со значително зголемување на бројот на пратеници на десничарските и екстремно десничарските партии, тонот во Европскиот парламент станал многу поостар, а дополнителна загриженост, според неа, претставува и зголемената политичка соработка меѓу екстремната десница и конзервативците.

– Тонот во Европскиот парламент стана многу поостар и мнозинството се промени. Значи, понекогаш гледаме прогресивни мнозинства, но понекогаш гледаме и мнозинство на конзервативците заедно со екстремната десница. И ова е нешто што не загрижува, изјави Барли.

Како најголемо достигнување на Европскиот парламент во изминатава една година таа го нагласува усвојувањето на законодавството за регулирање на дигиталната сфера.

– Европската Унија е единствениот правен регион во светот кој успеа да ја регулира дигиталната сфера. Мислам дека ова е најголемото достигнување што го постигнавме и дека продолжуваме понатаму во овој нов мандат, истакна Барли.

Таа нагласува дека ЕУ со своите правила ги штити европските граѓани како онлајн, така и во секојдневниот живот, на пример преку мерките за продажба за здрави и доверливи производи на пазарот во Унијата.

– Во козметиката забранивме 1.600 хемикалии, додека САД, на пример, забранија само 11. Значи, сте многу побезбедни кога користите производи во ЕУ, изјави потпретседателката на Европската комисија.

Барли додава дека со „новите мнозинства“ во Европарламентот се видливи поместувања кон интересите на бизнисите и кон отстапување од одредбите од законодавните регулатива, со образложение дека станува збор за поедноставување и намалување на бирократија во интерес на зајакнување на конкурентност.

– Мора да бидеме многу внимателни. Заштитата на потрошувачите да не биде загрозена од намалувањето на т.н. бирократија. Затоа ни требаат политички мнозинства со кои ќе продолжиме да ги штитиме потрошувачите во Европската Унија. Ќе се бориме за тоа, додава Барли за ЕНР

Back to top button
Close