КФОР: Имаме најголемо присуство на Косово во последната деценија
Меѓународните мировни сили на Косово-КФОР соопштија дека во овој момент, поради безбедносната ситуација и тензиите на северот на Косово, имаат најголемо присуство на Косово во последната деценија, јави Бета.
Во одговор на прашање на порталот gazeablic.com КФОР соопшти дека на Косово распоредил речиси 1.000 дополнителни војници со тешко вооружување.
„Четирикратно го зголемивме присуството на КФОР на северот на Косово и тројно го зголемивме бројот на патроли, вклучително и долж граничната линија. КФОР одржува флексибилна и агилна позиција низ Косово и е подготвен да одговори на сите можни сценарија, во согласност со неговиот мандат на ОН“, се наведува во одговорот до порталот.
Оттаму додаваат дека КФОР останува третиот одговорен фактор во безбедносната служба на Косово, по косовската полиција и ЕУЛЕКС.
„Нашиот командант е во редовен контакт со сите служби и институции“, се додава во одговорот на КФОР.