Киев тврди дека уништил ракетен систем С-300 на руска територија со западно оружје
Ваквите тврдења доаѓаа само неколку дена откако американскиот претседател Џо Бајден ѝ дозволи на Украина да врши ограничени напади на руска територија користејќи американско оружје
Украинските сили тврдат дека успешно погодиле ракетен систем С-300 на руска територија користејќи оружје доставено од западните сојузници, пренесува Си-ен-ен.
Информацијата ја објави украинската вицепремиерка и министерка за реинтеграција на привремено окупираните територии на Украина, Ирина Верешчук. Во објавата на нејзиниот фејсбук-профил таа сподели и фотографија за која се тврди дека го покажува погодениот ракетен систем обвиткан во пламен.
„Прекрасно гори. Тоа е руски С-300. На руска територија. Првите денови по дозволата да се користи западно оружје на непријателска територија“,пишува Верешчук.
Ваквите тврдења од Киев доаѓаа само неколку дена откако американскиот претседател Џо Бајден ѝ даде дозвола на Украина да врши ограничени напади на руска територија користејќи американско оружје. Речиси истовремено и неколку европски држави ги укинаа ограничувањата во врска со користењето на оружјето испорачано од нивна страна на Украина дозволувајќи тоа да се користи за гаѓање цели внатре на територијата на Русија.
Засега нема информации и останува нејасно дали оружјето употребено во нападот за кој зборува украинската министерка е испорачано од Соединетите Американски Држави, наведува Си-ен-ен.
Како што потсетува американската телевизија, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја пофали одлуката на Бајден да дозволи одредени напади на руска територија да бидат извршени со американско оружје оценувајќи ја како чекор напред во напорите на Киев да го одбранат регионот Харков, кој од минатиот месец е цел на жестока руска офанзива.