Кина не се откажува од идејата за „мирно обединување“ со Тајван

Кинеските власти се уште инсистираат на принципот „една Кина“, според кој Тајван е дел од Кина, а во последните три години, Пекинг ја засили воената активност во близина на островот

На годишната седница на парламентот, премиерот на Кина, Ли Кечијанг кажа дека Пекинг се уште се залага за мирно обединување на Кина со Тајван и затоа треба да се продолжи кон развивање на односите со што би се забрзал процесот на обединување.

„Треба да се залагаме за мирен развој на односите преку Тајванскиот теснец и да го забрзаме процесот на мирно обединување на Кина“рече Ли.

Освен за Тајван, премиерот во говорот зборуваше и за потребата на економска стабилност, поставувајќи цел за отворање на нови 12 милиони работни места до крајот на годината, а како приоритет беа наведени и закрепнувањето и зголемувањето на трошоците, односно справувањето со нив.

„Приходите на жителите на градот и селото мора да се зајакнат преку повеќе канали”,кажа Ли.

На седницата се разговараше и за војската на Кина, за кои премиерот посочи дека треба да се посвети поголемо внимание во обуката и да се зголеми борбената готовност. Притоа, според најавите официјален Пекинг годинава планира да распредели најмалку 225 милијарди долари во одбраната што претставува зголемување на буџетот за 7,2 отсто за разлика од минатата година.

„Нашите вооружени сили, фокусирани на одбележувањето на стогодишнината од Народноослободителната армија во 2027 година, треба да се подготват за воени операции и да ја зајакнат борбената готовност”рече Ли.

Кина ја има најголемата војска во светот и нејзиниот развој и стратешките намери на Пекинг се причина за загриженост во регионот и во Вашингтон. Пекинг редовно тврди дека издвојува релативно низок процент од БДП за армијата и одбраната и дека критичарите сакаат да ја прогласат Кина за закана за светскиот мир.

Back to top button
Close