Китановиќ го избриша постот за Младиќ и се извини на Мицкоски и Владата, но тврди: Нема да клекнам пред политички линч
alt=”” width=”657″ height=”430″ class=”alignnone size-full wp-image-784161″ />
Директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, излезе со опширно соопштение во јавноста откако на социјалните мрежи објави фотографија на која Ратко Младиќ е прикажан заедно со личности од српската историја, меѓу кои и Дража Михајловиќ, со натпис „Генерали на небеската војска“. Тој посочува дека веднаш ја избришал спорната објава.
„Јас, Далибор Китановиќ, со ниту една своја постапка – ниту во приватниот живот, а уште помалку при извршувањето на јавна функција – никогаш свесно не сум навредил, понижил или повредил припадник на кој било народ, вера или етничка заедница. Напротив, целиот мој живот сум го градел врз почитување на човекот, соживотот и солидарноста, помагајќи им на луѓето без да прашувам како се викаат, на кој јазик зборуваат или на кој народ му припаѓат“, истакнува Китановиќ.
Тој појаснува дека постапил брзо по објавувањето на спорниот содржински материјал, но го нагласува и личниот семеен мотив.
„Инаку спорната објава ја избришав речиси веднаш. Во исто време, нема да се откажам ниту од вистината на сопственото семејство. Дел од моето найблиско семејство во Босна и Херцеговина преживеало воени околности благодарение на регуларните воени единици предводени од генералот Ратко Младиќ. Тоа е дел од нашето лично и семејно искуство и никој нема право да бара од мене да го избришам од сопствената меморија. Но, моето лично чувство на благодарност за спасените членови на моето семејство никогаш не било, ниту ќе биде, негирање или омаловажување на туѓата болка, туѓите жртви и туѓите загуби“, соопшти тој.
Директорот на Агенцијата смета дека реакцијата во јавноста прераснала во организиран притисок врз него и неговиот политички субјект.
„И токму тука завршува извинувањето, а започнува мојот одговор на хајката. Она што следуваше во изминатите денови одамна ги надмина границите на легитимната критика. Станува збор за организирана политичка и медиумска пресметка, за јавно жигосување и обид за политички линч. Од една избришана објава се конструира обвинителен акт против мене, против мојата партија, па дури и против народот на кој му припаѓам. Тоа нема да го премолчам“, напиша Китановиќ.
Во својата реакција, тој упати критики до одредени политички и медиумски структури.
„Особено е лицемерно лекции за морал, мир и соживот денес да делат луѓе и политички структури чие сопствено политичко минато е оптоварено со тешки настани од поновата македонска историја, како и оние што со политички одлуки овозможувале тие прашања да останат без целосна институционална разрешница. Уште помалку прифаќам медиумски центри блиски до таквите структури да организираат јавни судења и однапред да изрекуваат пресуди“, изјави тој.
Китановиќ потенцира дека ја презема одговорноста за сопствените постапки, но ги отфрла обвинувањата на негова сметка.
„Јас сум подготвен да ја понесам одговорноста за секој свој збор. Но нема да ја понесам одговорноста за туѓите манипулации со моите зборови. Нема да прифатам моето повлекување на објавата да биде претворено во признание за нешто што не сум го направил. Нема да дозволам мојата човечка пристојност да биде протолкувана како слабост. И нема да дозволам преку мене да се навредуваат ниту мојот народ, ниту мојата партија“, додава Китановиќ.
Тој упати директно извинување до премиерот и Владата, но изнесе и порака до политичките противници.
„Искрено му се извинувам на претседателот на Владата, господинот Христијан Мицкоски и на членовите на Владата, кои поради мојата објава беа непотребно вовлечени во политичка пресметка и изложени на напади за нешто за кое не сносат никаква одговорност. Но на политичките мршојадци, на дежурните морални судии и на оние што туѓата болка ја претвораат во политичка муниција им порачувам: Не тргувајте со жртвите. Не градете политички кариери врз гробови. Не користете ја трагедијата на еден народ за да го навредувате другиот. И не очекувајте дека под притисок на организирана хајка ќе молчам додека преку моето име се плука по мојот народ и моите политички убедувања“, вели Китановиќ.
На крајот, тој порачува дека нема да отстапи под притисоците од јавноста.
„Се извинувам кога некого сум повредил – и тоа го правам без задршка. Но нема да клекнам пред политички линч. Нема да се откажам од сопственото достоинство. Нема да се откажам од своето семејно сеќавање. И нема да дозволам оние што најгласно судат денес да ја препишуваат историјата и да определуваат кој има право на својата болка, а кој нема. На крајот, над политиката, над медиумските пресуди, над моќта и над човечката суета постои суд пред кој сите сме еднакви. Над сите нас е еден Господ. И Тој, а не политичките штабови, партиските гласноговорници или медиумските инквизитори, ќе го има последниот збор. ‘Затоа пеколот се раширил и без мерка ја отворил устата своја: таму ќе слезе нивната слава и нивното богатство, вревата нивна и сè што ги весели.’ – Исаија 5:14 За неродното грозје Господово“, заклучува Китановиќ.






