Клиниките за кожни болести и за неврологија ковид-центри, ковид оддел во ГОБ „8 Септември”, наставата со физичко присуство

Заради континуираниот пораст на бројот на новозаболени и со цел проширување на болничките капацитети, Комисијата за заразни болести на денешниот состанок препорача клиниките за кожни болести и за неврологија кои претходно работеа како ковид-центри во рамки на првата фаза, во наредните денови да продолжат со работа како ковид центри и да се отвори дополнителен ковид оддел во ГОБ „8 Септември“. За ова сите три јавни здравствени установи веднаш се известени за преземање на сите неопходни активности, соопшти Министерството за здравство.

На состанокот на Комисијата за заразни болести на кој беше разгледана актуелната епидемиолошка состојба со ковид-19 во земјава, присуствуваше и министерот за здравство Беким Сали.

Согласно дневните извештаи од инфективните одделенија и ковид центрите, како што се посочува, во моментот се хоспитализирани вкупно 573 лица, од кои 180 во Скопје и 393 лица на инфективни одделенија во државата.

Воедно, Министерството за здравство ги задолжи универзитетските клиники, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза кај децата Козле-Скопје и Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“, при зголемување на бројот на новозаболени, а на кои им е потребна хоспитализација да бидат организациски подготвени за спроведување на здравствениот третман на пациентите болни од ковид-19. Во однос на медицинскиот персонал, јавните здравствени установи се известени и задолжени да назначат лица – среден медицински кадар за вклучување во работата на КИБФС (медицински сестри и болничари).

Исто така, Комисијата за заразни болести, следејќи ја епидемиолошката состојба, препорача со почнувањето на второто полугодие од учебната 2021–2022 година, наставата да се одвива со физичко присуство за сите ученици во основно и средно образование со доследно почитување на превентивните мерки и протоколи, стои во соопштението.

 

Back to top button
Close