Кој ќе ја преземе контролата во хотелскиот гигант „Македонија Турист“? „Скопски пазар“ му се доближи на долгогодишниот акционер Таневски
Акционерското друштво АД „Скопски пазар“, во кое мнозински сопственици бизнисмените Фатмир Етеми и Ацо Дудлоски купи нов пакет акции во хотелскиот гигант „Македонија турист“ и сериозно му се доближи на Доне Таневски, долгогодишен доминантен акционер во компанијата со која управува неговата ќерка, пренесе Фокус.
„Согласно член 38 став 1 од Правилата за котација на Македонска Берза АД Скопје, известуваме дека акционерот Скопски пазар акционерско друштво за услуги во прометот и трговијата увоз-извоз Скопје купи дополнителни 33.000 обични акции и сега поседува 78.230 односно 17,30% од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД“, објави Берза.
Вкупно над 44.000 акции се продадени на јавна берзанска аукција, по принципот „сè или ништo“ и со ова тргување „Скопски пазар“, фирма која поседува 12 зелени пазари во Скопје има 17,30 отсто од акциите во хотелското друштво. Пред неа е само Таневски со 17,72 удел и прашање на време е кога акциите на некој од малциските акционери ќе завршат во портфолиото на „Скопски пазар“.
Во компанијата која поседува пет големи хотели во Скопје не е повеќе акционер отворениот задолжителен пензиски фонд Сава.
„Согласно член 38 став 1 од Правилата за котација на Македонска Берза АД Скопје, известуваме дека акционерот Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд, продаде 39.789 односно 8,80% од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД и сега не поседува акции во Друштвото“, објави Берза.
…