Коалицијата на Кирил Петков и Христо Иванов води со 1,2 отсто пред партијата на Бојко Борисов

Еден месец пред предвремените парламентарни избори во Бугарија на 2 април, коалицијата Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија на Кирил Петков и Христо Иванов води пред ГЕРБ-СДС на Бојко Борисов со 1,2 отсто, покажува истражувањето на социолошката агенција „Алфа Рисрч“, спроведена во периодот од 25 до 27 февруари годинава.

Во новиот состав на бугарскиот Парламент би влегле пет партии. „Бугарскиот подем“ на Стефан Јанев останува околу влезниот праг со 3,8%. Партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ има поддршка од 3,2% од анкетирани, а за Левица!, партијата што ги обединува противниците на лидерката на БСП, Корнелија Нинова, кои бараат нејзина оставка, би гласале 3,6%. На политичката сцена се враќа партијата на поранешниот премиер Симеон Саксобурготски – НДСВ која би добила 1,4%.

 

Според истражувањето, коалицијата ПП-ДБ е прва со 26,4 отсто, а потоа ГЕРБ-СДС со 25,2 отсто. Трето е Движењето за права и слободи со 13,2 отсто, а четврта националистичката партија Преродба на Костадин Костадинов со 11,3%. БСП на Корнелија Нинова е на петтото место со 7,4%, и бележи сериозен пад на поддршката.

Социологот од агенцијата „Алфа Рисрч“ Павел Валчев во утринскиот блок на БНТ „Денот почнува“, оцени дека желбата за избори кај бугарските граѓани во моментов е минимална. Само најжестоките партиски поддржувачи категорично се изјасниле дека ќе излезат да гласаат на 2 април.

За предвремените парламентарни избори во Бугарија пријавени се 16 партии и седум коалиции.

Back to top button
Close