Кои беа петте најголеми производители на злато во 2024 година?

Цените на златото во последните пет години пораснаа за 80%, што делумно се должи на инфлациското опкружување, а овој благороден метал повторно стана во фокусот на инвеститорите. Во моментов, една унца злато на светските пазари се тргува по цена од околу 2.900 долари, а не би било изненадување ако наскоро ја надмине психолошката граница од 3.000 долари, пренесува Bloomberg Adria.

Според проценките на Американскиот геолошки институт (USGS), во 2024 година биле произведени околу 3.300 тони злато, што е околу 50 тони повеќе во споредба со 2023 година.

Кои се најголемите производители на злато?

На врвот на листата останува Кина, која минатата година произвела 380 тони злато. Оваа земја го достигна својот производствен врв во 2016 година со 455 тони, но и покрај падот, годишното производство не паднало под 300 тони. Освен што е најголем производител, Кина е и еден од најголемите светски потрошувачи на злато, со годишна потрошувачка што надминува 800 тони.

На второ место е Русија со 310 тони произведено злато во 2024 година, што е исто ниво како и во 2023 година. Производството на злато во Русија не се менува драстично од година во година, но долгорочно гледано, се забележува тренд на раст – во 2017 година, Русија произведувала 255 тони злато.

Третото место го зазема Австралија со производство од 290 тони во 2024 година, додека листата на петте најголеми производители ја заокружуваат Канада со 200 тони и САД со 160 тони злато.

Со просечна цена од околу 2.400 долари по унца во 2024 година, вкупната вредност на глобалното производство на злато изнесувала околу 250 милијарди долари.

Каде завршува произведеното злато?

Според податоците на Американскиот геолошки институт, околу 45% од годишното производство на злато се користи за изработка на накит, додека централните банки и слични институции купуваат дополнителни 21%. Околу 19% од златото се преработува во златни прачки, 7% се троши за кованици и медали, 6% завршува во електрониката и електроиндустријата, а останатиот 1% се користи за други намени.

Златото традиционално се смета за безбедна инвестиција, особено во време на економски кризи. Освен директната купопродажба на златни прачки или накит, инвеститорите можат индиректно да вложуваат во злато преку инвестициски фондови или купување акции на рударски компании.

Некои пензиски фондови од регионот исто така вложуваат во злато. На пример, хрватските AZ фондови имаат акции во две големи компании за производство на злато – Newmont Corp. и Barrick Gold, додека Raiffeisen пензиските фондови поседуваат удел во Barrick Gold.

Според достапните податоци, овие две компании учествуваат со околу 10% од глобалното производство на злато. Newmont важи за најголем светски производител, со план за производство од 6,9 милиони унци (околу 215 тони), додека Barrick во 2024 година заврши со производство од 3,9 милиони унци (околу 120 тони). (Рацин)

Повеќе…

Back to top button
Close