Колку плазма-терапијата е навистина ефикасна против Ковид-19?

Американскиот претседател Трамп за плазма-терапијата рече дека е „историски пробив“. Научниците и лекарите меѓутоа се сомневаат во нејзината ефикасност, пишува Дојче веле.

Американскиот претседател Доналд Трамп, непосредно пред да биде номиниран за кандидат за претседателските избори, објави „историски пробив“ во борбата против пандемијата на коронавирус. Според него, плазма-терапијата, која доби итно специјално одобрение, покажува „неверојатна стапка на успешност“ и ќе „спаси безброј животи“.

Меѓутоа, досегашните искуства со плазма-терапија кај пациенти инфицирани со коронавирус се отрезнувачки, па многу научници и лекари се сомневаат дека терапијата е навистина ефикасна.

Дури и Американската агенција за лекови ФДА во оваа терапија гледа само „потенцијална полза“, која е поголема од познатите несакани ефекти. Се’ додека не се располага со податоци од клинички студии, плазма-терапијата не би требало да се смета за нов стандард во третманот на пациенти со Ковид-19, се вели во пропратното писмо на ФДА објавено со итното одобрение за плазма-терапијата.

Што е плазма-терапија?

Од почетокот на пандемијата на коронавирусот плазма-терапијата важеше за носител на надеж, зашто идејата е многу едноставна: ако пациентите прележале Ковид-19, тогаш нивниот крвен серум има голем број различни антитела кои може ефикасно да се борат против коронавирусот.

Ако тие антитела, изолирани од серумот и исчистени, му се инјицираат на друг корона-пациент, тој би добил „позитивна имунизација“. Тоа сепак не е вакцина, зашто антителата не се произведени од телото на пациентот.

Но, предноста е јасна: телото при инфекција нема да мора самото да продуцира антитела, што е напорно и за што му е потребно време, туку добива директно антитела кои веднаш може да се борат против вирусот. Но, пасивната имунизација трае само неколку недели или месеци, односно не се стекнува траен имунитет.

Ваквата пасивна имунизација, воведена од страна на германскиот имунолог Емил фон Беринг уште во 1890 година, во време на корона се применува и во САД. Според ФДА, околу 70.000 Ковид-19 пациенти добиле крвна плазма со клиничка специјална дозвола, но под строги услови – само во рамки на клинички тестови и само пациенти во драматично лоша состојба.

Успехот е контроверзен. Според американскиот министер за здравство Алекс Азар, пациентите третирани со плазма имаат за 35% поголема стапка на преживување од останатите. Со сега издаденото итно одобрение за нејзина примена, во иднина повеќе пациенти може да добијат ваква терапија, вели тој.

Но, не само што нема доволно плазма, туку пред се’ нема цврсти докази кои би ја оправдале примената на оваа сложена терапија. Затоа и ФДА не даде целосна дозвола за плазма-терапијата.

Изневерени очекувања

Задршките на ФДА во однос на плазма-терапијата се резултат на исклучително малкуте доверливи податоци за нејзината ефикасност.

Една студија од 10 август, објавена воАмериканскиот журнал за патологија покажува дека плазма-терапијата може да биде успешна во рана фаза на Ковид-19. Но, студијата не докажува дали тоа е поврзано со плазма-терапијата или пациентите и без пасивната имунизација создале сопствени антитела.

Успех кај тешко заболени покажа и една од малкуте рандомизирани студии од кинескиот град Вухан. Во периодот од 14 февруари до 1 април биле испитувани 103 пациенти тешко заболени од Ковид-19 на просечна возраст од 70 години. 52 пациенти од нив, покрај кислородна поддршка и интензивна нега, добиле и плазма-терапија.

Кај 51,9% од пациентите (27 од 52) по плазма-терапијата имало клиничко подобрување во споредба со 43,1% од пациентите од контролната група. Таму 22 од 51 пациент имале клиничко подобрување.

Тоа радува, но не може да се препознае статистички сигнификантна разлика. Кинеските научници признаваат дека за цврсти докази е неопходно да се испитуваат повеќе пациенти во подолг период.

Во Холандија една рандомизирана студија за плазма-терапијата е дури и предвреме прекината, поради тоа што 79% од испитуваните пациенти веќе развиле исто толку титри колку плазма-донаторите. Титрите се мерка за бројот на одредени антитела во крвта.

Неопходни се натамошни истражувања

Со оглед на недоволните податоци и на се’ уште недокажаната ефикасност, плазма-терапијата , од медицински аспект, досега не се смета за „моќна терапија“ која „ќе спаси безброј животи“, како што тоа го претстави американскиот претседател Трамп.

Нејасно е не само дали плазма-терапијата воопшто им помага на пациентите со Ковид-19, туку досега не се доволно истражени ниту несаканите ефекти, зашто со давањето на серум од друго лице состојбата на болниот може и драматично да се влоши доколку дојде до имунолошка реакција.

Дали плазма-терапијата навистина ќе даде ефикасен придонес во борбата против пандемијата на корона, ќе покаже времето. Јасност може да дадат само натамошни рандомизирани студии со доволен број пациенти и контролни групи.

Back to top button
Close