Координативен надзор на ДИЖС и полицијата по палењето трски во Струшко

Инспектори од Државниот инспекторат за животна средина и од Одделението за внатрешни работи од Струга денеска направија надзор на опожареното земјиште, на потеог од плажите Версус, Аквариус и ресторанот Аполонија, кон селото Калишта, каде вчера попладне беа запалени трски.
– По надзорот инспекторите на Одделението за внатрешни работи ќе спроведат истрага до откривање на сторителот, против кого ќе се поднесе кривична пријава, соопшти денеска Државниот инспекторат за животна средина.
Според соопштението, опожарени се трски и вегетација во појас ограничен со пешачката патека и брегот на Охридското Езеро, во должина од околу 450 метри и ширина од околу 50 метри.
– Овој настан се случи и покрај предупредувањата до сопствениците на земјиште што граничи со пешачката патека, дека ќе бидат казнети доколку палат трска на државно земјиште, посочува инспекторатот.
Ова е трето палење на трски во Струшко од почетокот на годината. Во првите два случаја поднесени се кривични пријави, против непознат сторител во едниот и сопственикот на земјиштето во другиот случај.