Косовската претседателка побарала од европските лидери да ја сметаат Србија за одговорна за нападот во Бањска

Во разговори со неколку европски лидери на маргините на Самиот на Европската политичка заедница во Шпанија, косовската претседателка Вјоса Османи ја нагласила важноста Србија да ја понесе одговорноста за „терористичкиот напад и акт на агресија“ врз Косово во врска со нападот на косовската полиција во селото Бањска.

Таа на социјалните мрежи напиша оти се сретнала со лидерите на Франција, Велика Британија, Германија и Грција и дека ја истакнала неопходноста Србија да биде прогласена за одговорна во нејзините напори за дестабилизација на само на Косово, туку и на целиот регион.
„Остварив важен разговор со францускиот претседател Емануел Макрон за неодамнешните безбедносни случувања во Косово и за нашата заедничка посветеност за траен мир и стабилност. Ја истакнав важноста Србија да биде прогласена за одговорна за чинот на агресија врз нашата република“,
напиша косовската претседателка на социјалната мрежа Х по средбата со францускиот претседател Макрон.
Освен со Макрон, на маргините на Самитот во Шпанија Османи информира дека се сретнала и со германскиот канцелар Олаф Шолц и со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

„Германскиот канцелар и премиерот на Грција ги информирав за терористичкиот напад на Србија и за чинот на агресија врз Косово. Ја истакнав неопходноста Србија да биде одговорна за нејзините напори да ја дестабилизира нашата земја и целиот регион“,

напиша Османи по средбата со Шолц и Мицотакис.
На средбата со премиерот на Велика Британија, Риши Сунак, пак, косовската претседателка се заблагодарила за помошта на британските сили во, како што вели, чувањето на границите на Косово со цел спречување идни акти на агресија. И на средбата со Сунак истакнала оти Србија мора да одговара за настаните во Бањска.

Британското Министерство за одбрана на 1 октомври објави дека наскоро ќе испрати околу 200 дополнителни војници во својот контингент на Косово, кој веќе има 400 војници

Пред овие средби, претседателката на Косово изјави дека нема причина да се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пред да му бидат воведени санкции поради последните настани во селото Бањска.

Back to top button
Close